Во рамки на манифестацијата „Гевгелија град на култура за 2025 година“ и во чест на Општинскиот празник- 7 Ноември, на 5 ноември, во Уметничката галерија „Амам“- Гевгелија беше отворена традиционалната Годишна изложба на Друштвото на ликовни уметници на Гевгелија (ДЛУГ). Настанот, кој се одржа пред бројна публика и љубители на уметноста, уште еднаш го потврди значењето на гевгелиската ликовна сцена во културниот живот на градот.
Со своите дела оваа година се претставија 21 автор од различни генерации и стилски пристапи: Атанас Крстов, Адриана Манчева, м-р Александар Јанев, Ана Петрова, Борис Петров, Анамарија Митриќеска Кал’чева, Вангел Срнаков, Горан Јованов, Гордана Петрова, м-р Дамјан Ѓуров, Драги Хаџи-Николов, Иван Кал’чев, Јордан Јанев- Дане, м-р Мирјана Крстева Массетти, Михаил Петров, Никола Бутров, м-р Перо Кованцалиев, Катерина Чугунска, Розета Картова, Сотир Хаџи-Николов и Фиљо Танов.
Со пригоден збор, Изложбата ја отворија директорот на НУ Музеј- Гевгелија, Саша Јованов и претседателот на ДЛУГ, м-р Александар Јанев.
– Со големо задоволство, НУ Музеј- Гевгелија ја организира Годишната изложба на ДЛУГ по повод 7 Ноември. Особено значајно е што годинава Изложбата се одржува во духот на одбележувањето на 45-годишниот јубилеј од основањето на ДЛУГ, кој од своето формирање во 1980 година претставува еден од највиталните носители на ликовниот живот во градот. Изразуваме благодарност до Министерството за култура и туризам и Општина Гевгелија што ни овозможија оваа активност да се реализира во рамки на програмата за манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, со што уште еднаш се потврдува заедничката заложба за афирмација и развој на уметноста во локалната заедница- истакна Јованов.
– Оваа колективна поставка која ги обединува нашите уметници, има посебна свежина во годинешната програма, зашто делата во неа опфаќаат различни медиуми на изразување. Иако мало по големина, ДЛУГ претставува значајна уметничка заедница што веќе со децении успешно ја негува и промовира ликовната култура во Гевгелија. Преку континуирани изложби, дел од спасовденското и седмоноемвриското чествување, Друштвото покажува дека вистинската уметничка вредност не се мери со бројност, туку со посветеност, автентичност и креативна енергија- истакна Јанев.
– Преку ова континуирано истражување, целта на уметниците е да пренесат дијалог помеѓу минатото и сегашноста, да се поврзат со гледачите, охрабрувајќи ги да ги пронајдат своите значења во рамките на живиот хаос и да размислуваат за своите истории и наративите што ги обликуваат нивните животи. Анализирајќи ги нивните дела, нè покануваат во размислување за текот на времето и приказните што се задржуваат во просторите низ кои патувам- стои во освртот на кустосот и историчар на уметност, м-р Александар Каракабаков.
Гевгелија уште еднаш потврдува дека уметноста е жив пулс на градот- израз на неговата креативна енергија и културен континуитет. Уште еднаш се потврдува важноста на меѓуинституционалната соработка што овозможува ваквите настани да продолжат да го градат културниот идентитет на заедницата.



































