Вечерва (7 ноември 2025 година), Советот на Општина Гевгелија ќе ја одржи својата втора свечена седница по повод Денот на ослободувањето на Гевгелија. Свечената седница ќе се одржи во Народниот театар- Гевгелија, со почеток во 19:00 часот.
Во рамки на седницата, свое обраќање ќе има градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, кој ќе говори за значењето на овој историски датум за градот и неговите граѓани, како и за постигнувањата и развојот на општината во изминатиот период.
Традиционално, од страна на Градоначалникот ќе бидат доделени и благодарници на поединци, институции и организации кои со својата работа, посветеност и придонес оставиле значаен белег во општествениот, културниот, спортскиот и економскиот живот на Гевгелија.
Свечената седница претставува централниот дел од програмата за одбележување на Општинскиот празник-7 Ноември, со којашто Општина Гевгелија им оддава почит на сите кои придонеле за слободата, развојот и напредокот на градот.
Културниот дел од денешната седмоноемвриската програма ќе заврши со Концерт на Градскиот мешан хор „Гортинија“- Гевгелија, под диригентската палка на м-р Илија Атанасов, кој ќе се одржи веднаш по завршувањето на свечената седница. Концертот претставува симболична завршница на овој ден преку која со музиката и заедништвото се оддава почит на генерациите што го изградиле духот и идентитетот на градот.




