Од ноемвриската програма за „Гевгелија град на културата за 2025 година“, љубителите на танцовата уметност ќе имаат можност да уживаат во Балетскиот концерт „Моќта на танцовата уметност“, што ќе се одржи на 11 ноември 2025 година (вторник), со почеток во 19:00 часот, во Народниот театар- Гевгелија.
Носител на проектот е ДМБУЦ „Илија Николовски- Луј“ од Скопје, една од најреномираните уметнички образовни институции во државата, коешто гостување во Гевгелија го реализира во соработка со ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија. Публиката ќе има можност да го проследи Годишниот концерт на Балетскиот оддел со настапи на учениците кои, со својата посветеност, дисциплина и љубов кон уметноста, создаваат сцена исполнета со емоции, радост и гордост. Секое движење, секој чекор и израз ќе биде приказна за трудот и талентот на овие млади балетски уметници, кои со својата изведба го претвораат танцот во вистинска уметничка моќ.




