На 5 ноември 2025 година, магијата на македонската народна песна и игра оживеа во Младинскиот дом во Негорци, каде што се одржа 4. Меморијален фестивал „Засекогаш со нас“. Настанот го одбележа споменот на Игор Мицев, истакнат член на ЗКУД „Негорци“, чие име со години е поврзано со зачувувањето на локалниот фолклор. Фестивалот го организираше ЗКУД „Негорци“- Негорци, во спомен и почит кон неговото активно членство и значајно културно делување.
Фестивалот собра повеќе генерации на сцената, а своето мајсторство го прикажаа повеќе културно-уметнички друштва и фолклорни секции: домаќините КУД „Негорци“- Негорци, КУД „Браќа Толеви“- Прдејци, КУД „Бранд Петрушев“- Богданци и нивната фолклорна секција од Стојаково, Фолклорната секција од Богорица и КУД „Младост“- Јосифово. Претставувајќи ја убавината на македонската народна песна и игра, учесниците демонстрираа живописни народни носии, ритмички игри и традиционални ора, потврдувајќи ја богатата културна и етнографска разноликост на регионот.
Фестивалот како дел од програмата за „Гевгелија град на културата за 2025 година“ имаше посебна мисија- да го потврди фолклорот како врска помеѓу минатото и сегашноста, но и како начин кој преминува во традиција- да се оддаде почит на личност која оставила длабок печат во културниот живот на заедницата.












