Во знак на благодарност и длабока почит кон човекот кој со својата музика и педагошка работа ја збогати културната и општествената сцена на градот, Гевгелија му возврати со вечен спомен, обележје што засекогаш ќе ги чува ликот и делото на Илија Џаџев. Во рамки на програмата „Гевгелија град на културата за 2025 година“ и во чест на Општинскиот празник- 7 Ноември, Денот на ослободувањето на Гевгелија, на самиот ден на празникот, свечено беше откриено спомен-обележјето на истакнатиот гевгелиски музичар, автор и долгогодишен професор по географија- Илија Џаџев.
Настанот се одржа на платото пред Народниот театар- Гевгелија, во присуство на претставници од: Општина Гевгелија, збратимените општини, институции, културниот живот на градот, бројни граѓани, членовите на семејството на Џаџев- неговите деца Софија и Никола и авторот на скулптурата, Перо Кованцалиев.
На свеченото откривање се обрати градоначалникот на oпштина Гевгелија, Андон Сарамандов, кој истакна дека со овој чин градот му оддава признание на човекот кој со својата работа и харизма ја облагородил културната и општествената сцена на Гевгелија:
– Денешниот ден ќе остане запаметен во историјата на Гевгелија. Во присуство на членовите на фамилијата Софија и Никола, свечено го откриваме спомен-обележјето на професорот Илија Џаџев. Човекот кој скромно, но длабоко ја има збогатено културната и општествената слика за нашиот град. Наш аманет е да ги пренесеме неговите вредности на генерациите понатаму. Гевгеличанецот Илија Џаџев денес го добива местото за негов вечен спомен пред Домот на културата, во центарот на Гевгелија, каде и самиот поминал дел од својот животен и професионален пат.
На откривањето на спомен-обележјето се обрати гевгелискиот уметник и современик на Џаџев- Јордан Дане Јанев, кој со емоции потсети на неговото животно дело:
– Стоиме пред споменикот на човек кој со својата музика, човечност и добрина остави неизбришлива трага во нашиот град. Илија беше повеќе од музичар, тој беше уметник кој знаеше секоја нота да ја претвори во емоција и секој настап во празник. Неговата музика беше приказна за љубовта кон човекот, животот и кон Гевгелија- потсетувајќи дека Џаџев е и организатор на првата гитаријада во градот и основач на списанието „Јужен глас“, преку кои го поддржувал младото творештво.
Со емотивен тон се обрати и ќерката на Џаџев- Софија, која се заблагодари на градоначалникот Сарамандов и на Општина Гевгелија за честа што му ја укажаа на нејзиниот татко.
По откривањето на спомен-обележјето од страна на градоначалникот Сарамандов и ќерката на Џаџев, Софија, следеше полагање цвеќе од делегации на Општина Гевгелија, политички партии и граѓански организации. Настанот беше збогатен и со дефиле на над 1.000 ученика од нижите одделенија во основните училишта на подрачјето на Општина Гевгелија, кои со песни, насмевки и знаменца придонесоа за празничната атмосфера. Како и со хорски изведби на Детското градско хорче „Божилак“ и доделување награди на ученици кои учествуваа на распишаните Литературен и Ликовен конкурс по повод 7 Ноември од страна на Училиштата, со награди обезбедени од Општина Гевгелија.
Џаџевата скулптура е финансирана од Општина Гевгелија преку Програмата за истакнување значајни настани и истакнати личности со спомен-обележја за периодот 2024-2029 година. За реализацијата на оваа иницијатива, локалната самоуправа формираше Одбор за имплементација, кој спроведе Јавен повик за избор на уметничко решение. Автор на спомен-обележјето е м-р Перо Кованцалиев, скулптор кој преку современ уметнички израз, излиено во бронза, го овековечи ликот и делото на Џаџев, прикажувајќи го со неговиот препознатлив инструмент- хавајската гитара.
Со поставувањето на ова спомен-обележје, Гевгелија добива уште едно вредно културно обележје што ќе потсетува на еден од највлијателните музички и педагошки дејци на градот- човекот што преку својата хавајска гитара, својата благост и својата посветеност остави трајна вредност за идните генерации.








































