По затворањето на Свечената седница на Советот на Општина Гевгелија, којашто се одржа на 7 ноември 2025 година по повод Денот на ослободувањето на Гевгелија, културниот дел од празничната програма продолжи со Концерт на Градскиот мешан хор „Гортинија“, во Народниот театар- Гевгелија.
Под диригентската палка на маестро м-р Илија Атанасов, хорот изведе разновидна програма која го обедини класичното и народното музичко наследство. На репертоарот беа: „Свети Кирил и Методиј“ од Таки Хрисик, „Хвалите господа“ од Дмитри Бортниански, “Gagliarda“ од Baldasare Donatti, “Dies Irae“ од Michael J. Trotta, како и „Македонско оро“ од Тодор Скаловски. Членовите на хорот, гордост на градот, ја пренесоа музичката култура, традицијата и духот на Гевгелија, а присутните уживаа во професионалната изведба и празничната атмосфера.
Концертот како музичка круна ја означи културната завршница на свечената вечер, носејќи музика и радост за да се оддаде почит на сите генерации што го изградиле духот на Гевгелија. И, како дел од програмата за „Гевгелија град на културата за 2025 година“, Седмоноемврискиот концерт имаше посебно значење, бидејќи ја истакна богатата музичка традиција на градот и ја претстави неговата културна вредност пред пошироката јавност.













