На 7 ноември 2025 година, Советот на Општина Гевгелија ја одржа својата 2. седница којашто имаше свечен карактер по повод 81 година од историскиот настан- Денот на ослободувањето на градот. На седницата присуствуваа: претставници од збратимените и пријателски општини (Инџија и Парачин- Србија, Јабланица- Босна и Херцеговина, и Гвозд и Копривнички Иванец, Хрватска), како и гости од државни и локални институции, бизнис-секторот, културниот и јавниот живот во Гевгелија, меѓу кои и министерот за локална самоуправа на Република Македонија, Златко Перински. Свечената седница ја отвори претседателката на Советот, Анета Стамкова.
– Почитувани присутни и граѓани, Ви го честитам Денот на ослободувањето на Гевгелија, 7 Ноември! Овој ден е симбол на храброста, на единството и на љубовта кон нашиот град. Тоа е ден кога се сеќаваме на минатото, ги почитуваме оние кои се бореле за слобода и ја негуваме нашата историја и традиција. Со вешерашнава Свечена седница одбележуваме значаен момент во историјата на нашиот град, а истовремено оддаваме почит на оние кои се бореле за она кое ние го имаме денес- слободата. Осврнувајќи се наназад, Гевгелија по ослободувањето се соочувала со бројни предизвици, но истовремено одбележала значаен напредок. Денес, нашиот град останува отворен, динамичен и со богата традиција, полн со можности за развој. А, визијата за утре е визија за развој на Гевгелија, за град кој се движи напред, кој ги вреднува своите граѓани и создава услови за квалитетен и достоинствен живот за сите. Изминатите години, со посветена работа и одговорни политики направен е сериозен чекор напред кон создавањето урбана и модерна општина. Посакувам општина Гевгелија да се развива како модерна, урбана, динамична заедница, вистински дом за сите нејзини граѓани- истакна во своето обраќање претседателката Стамкова.
По нејзиниот говор, со свое излагање пред присутните се обрати градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сармандов, кој се осврна на активностите и постигнатите резултати на Општина Гевгелија во изминатите години.
– Драги гевгеличани! Денес, Гевгелија го слави денот кога ја доби слободата. Нека ни е честит Денот на ослободувањето на градот Гевгелија- 7 Ноември! И, годинава, сме овде заедно да го одбележиме овој значаен ден за нашиот град и да се потсетиме дека слободата не е подарок што се добива еднаш засекогаш. Таа се негува и брани секој ден, со почит и љубов кон нашиот град. Овој ден е потсетник зошто постоиме како заедница, кои вредности нè држат заедно и што е тоа што нè движи напред дури и кога не е сè така лесно. На 7 ноември 1944 година, Гевгелија ја издвојува победата и го отвори патот кон подобро утре. Оваа победа не беше само на храбрите борци во првите борбени редови, туку и на сите граѓани што ја сакаат и ја градат својата татковина. Денес, 81 година по ослободувањето, Гевгелија продолжува да расте и да се развива- рече Градоначалникот.
– Како што ја почитуваме историјата, така треба да ја градиме и иднината. Гевгелија станува посилна и посовремена во сите сегменти на општественото живеење. Да ја чуваме нашата Гевгелија, да ја надградуваме и да ја оставиме подобра на генерациите што доаѓаат по нас. Сакам да Ви го честитам на сите членови на Советот добиениот мандат од граѓаните и да изразам уверување дека заеднички ке работиме за успешна, модерна и урбана Гевгелија- истакна Сарамандов.
– Во изминатите години покажавме дека кога се работи и кога ќе се постави јасна визија, резултатите секогаш се видливи. Затоа, се бројни реализирани проекти што придонесоа Гевгелија да се развива како урбана и модерна општина. Реализиравме повеќе капитални проекти од областа на комуналната и патна инфраструктура, проекти за заштита на животната средина, проекти од образованието, труд и социјална политика, туризмот, културата и спортот. Покажавме дека кога се работи посветено и вложуваме повеќе, граѓаните ја враќаат довербата. Гевгелија денес е регионален културен центар што значи со енергија, град кој повторно живее динамично. Гевгелија денес е подготвена за нови инвестиции. Горд сум што во тек на реализација се две нови инвестиции во Гевгелија, кој во наредниот период ќе овозможат над петстотини нови вработувања. Горд сум што Гевгелија се развива во успешна, модерна и урбана заедница. Гевгелија расте и чекори напред- додаде Градоначалникот.
– Вечерва, почитувани, сакам да споделам уште нешто со Вас. Довербата што ми ја укажавте на Локалните избори повторно да ја водам нашата општина, за мене претставува огромна чест, но и аманет. Аманет кон генерациите што ја донесоа слободата, аманет кон генерациите кои низ годините придонесоа за обнова на Гевгелија, аманет кон граѓаните кои ја поддржаа мојата заложба за Гевгелија како модерна и урбана заедница за идните генерации кои ќе сакаат да останат во својата родна Гевгелија. Затоа, продолжуваме таму каде што застанавме, уште помотивирано, попосветено, со визија и со љубов кон Гевгелија. Продолжуваме со јасни цели и посилна решителност. Пред нас доаѓа убаво време за Гевгелија, време за нови проекти, нови можности и нови резултати. Почитувани гости, драги гевгеличани, уште еднаш нека ни е честит 7 Ноември! Нека живее Гевгелија слободна, горда и успешна- заврши градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов.
Честа да се обрати на Свечената седница ја имаше министерот за локална самоуправа, Златко Перински, кој нагласи дека Гевгелија за него има посебно место поради искреноста, топлината и гостопримството на нејзините жители. Во своето обраќање истакна дека Гевгелија претставува пример за успешна локална самоуправа и модел на соработка меѓу централната и локалната власт. Тој нагласи дека преку ваквата синергија се реализираат бројни проекти од значење за граѓаните и дека Владата на Република Македонија ќе продолжи со силна поддршка на општината и во иднина. Потсети дека Општина Гевгелија доби финансиска поддршка од над 220.000.000 денари издвоени од централниот буџет за реализација на 11 проекта. Затоа што главен приоритет е благосостојбата на граѓаните и развојот на сите локални самоуправи во Македонија. Притоа, тој се заблагодари за укажаната чест да биде дел од Свечената седница по повод 7 Ноември, посакувајќи ѝ на Општина Гевгелија уште многу успеси и реализирани проекти во интерес на граѓаните.
Во рамки на свеченоста, традиционално беа доделени Седмоноемвриски благодарници на граѓани кои во изминатиот период се истакнаа со својот труд и резултати во различни области, афирмирајќи ја Гевгелија. Признанија, што им ги врачи градоначалникот Сарамандов, добија: Пепи Купанов, Леонид Цуклев и м-р Влатко Семенаков.
На Пепи Купанов му се додели признание за развој на локалното претприемништво и афирмација на семејниот бизнис. Со отворањето на месарница „Купанов“ во 2019 година и проширувањето со фирмата- пиљара „Грин Фуд Купанов“, обезбеди стабилна работа за осум вработени, воспостави успешна соработка со доверливи добавувачи и создаде препознатлив бренд на локално ниво. Со своето посветено и одговорно работење, тој придонесува за развој на локалното претприемништво и афирмација на Општина Гевгелија, која ги поддржува вредностите на трудот, квалитетот и семејниот бизнис. Истовремено, претставува добар пример и поттик за претприемачите во локалната заедница и пошироко.
Леонид Цуклев доби признание за извонредни постигнати резултати како млад информатичар на државни и меѓународни натпревари. Во текот на средното образование во Математичко-информатичката гимназија во Скопје, тој достојно ги претстави својот роден град и земјата со освоените награди и медали на Македонската олимпијада по информатика, Интернационалната олимпијада по информатика во Сукре, Боливија, и Балканската олимпијада по информатика во Удине, Италија. Со постигнатите резултати, Леонид Цуклев придонесува за афирмација на младите таленти и ја промовира Гевгелија како средина што создава и поддржува талентирани млади луѓе, носители на знаење и идни лидери во современите технологии.
М-р Влатко Семенаков, професор по Спорт и спортски активности и тренер по атлетика и тенис, го доби ова признание за континуиран придонес во спортот и афирмација на Гевгелија на национално и меѓународно ниво. Учествува на бројни Државни и Меѓународни натпревари во: Грција, Србија, Хрватска, Италија и Македонија, меѓу кои ултрамаратони, триатлони, Балкански првенства и Меморијалниот маратон за Тоше Проески. Добитник е на Признанието за најдобар спортист во 2024 година. Со своето активно спортување и преку воспитување на младите спортисти, м-р Влатко Семенаков континуирано придонесува за афирмација на спортската култура и промоција на Гевгелија како град кој го вреднува трудот, посветеноста и постигнатите резултати во спортот. Неговата работа ја афирмира спортската култура во градот и го промовира како средина со посветени професионалци во спортот.
По доделувањето на признанијата, претседателката на Советот, Анета Стамкова, ја затвори свечената седница, а вечерта продолжи со Седмоноемвриски концерт на Градскиот мешан хор „Гортинија“- Гевгелија.



















































