Во рамките на програмата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, на 27 ноември (четврток), со почеток во 18:00 часот, во просториите на ООМУ „Васо Карајанов“- Гевгелија ќе се одржи свечена концертна вечер со наставници и ученици, посветена на одбележувањето на 255 години од раѓањето на Лудвиг ван Бетовен, еден од највлијателните композитори во историјата на музиката.
Настанот претставува спој на младешкиот музички ентузијазам и професионалното мајсторство на наставниците, кои преку изведбите ќе доловат дел од богатото творештво на германскиот гениј. Публиката ќе има можност да ужива во дела од различни творечки периоди на Бетовен, изведени на пијано, виолина, кларинет и флејта.
На концертната програма се вклучени изведби од учениците Лазар Мијов од класата на професор Душко Лазаров со „Сонатина во G-dur, Anh. 5 – втор став“, Илија Димов од класата на професор Владо Сапламаев со „Сонатина во F-dur, Anh. 5, бр. 6 – прв став“, како и Теодора Шутарова, под менторство на професор Александар Лазаров, која ќе ја изведе „За Елиза“.
Во наставничкиот дел ќе настапи професорката Маја Зафирова на виолина со пијано придружба од Соња Јованова во изведба на „Менует во G-dur“, како и професорот Костадин Издушнов на кларинет, исто така, со Соња Јованова, кои ќе ја изведат „Соната оп. 49, бр. 1 – Рондо“. Своја солистичка изведба ќе има и професорот Душко Лазаров со „Соната оп. 14, бр. 2 – прв став“, додека професорката Сузана Стефанова ќе настапи на флејта во делото „Соната оп. 13, бр. 8 – втор став“, со придружба на пијано. Концертната програма ќе заврши со изведбата на професорот Александар Лазаров, кој ќе го интерпретира првиот став од „Соната оп. 13, бр. 8“.
Овој настан е поддржан од Општина Гевгелија, како продолжување на традицијата на Училиштето да ја унапредува младинската музичка едукација и културната сцена во градот.
Посетителите ќе можат да ја почувствуваат неприкосновената моќ на Бетовеновата музика преку интерпретации што ја истакнуваат талентираноста на младите музичари и посветеноста на нивните наставници.






