Во рамките на програмата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, на 25 ноември, на сцената на Народниот театар- Гевгелија беше изведена популарната детска претстава „Црвенкапа“ во продукција на НУ Театар за деца и младинци. Настанот привлече огромно внимание, а салата беше исполнета до последно место од деца, родители и наставници, кои со громогласни овации ја наградија изведбата.
Под режисерската палка на Димитар Христов, „Црвенкапа“ беше претставена во свежо, современо и разиграно толкување, задржувајќи ја суштината на добро познатата приказна, но истовремено внесувајќи нова драматуршка динамика. Авторот Александар Поповиќ го збогатува класичното дејствие со нов лик- Иванка, палавата другарка на Црвенкапа, која донесе уште повеќе комични ситуации и интеракции со детската публика.
Најмладите гледачи со воодушевување ги следеа актерските интерпретации. Улогата на Црвенкапа ја толкуваше Ана Левајковиќ- Бошков, која со голема природност и сценска топлина го долови ликот што генерации деца го обожаваат. Винета Дамческа, во улогата на Иванка, со извонреден шарм и енергија предизвикуваше смеа и аплаузи по секое нејзино појавување. Особено бурни овации предизвика актерот Петар Стојанов, кој го толкува ликот на Волкот. Публиката го поздрави со посебна топлина бидејќи Стојанов е родум од Гевгелија, а успешно гради професионална кариера на националната сцена. Неговото враќање „дома“, пред своите сограѓани, создаде емотивен момент кој ја збогати атмосферата во салата. Неговата оригинална, духовита и сценски моќна интерпретација на Волкот беше едно од најзабележителните изненадувања на претставата, оставајќи силен впечаток кај најмладите гледачи.
На сцената настапија и Катарина Илиевска Силјановска, Марија Ѓорѓијовска и Драган Довлев, кои со својата игра и присуство придонесоа за создавање богат и динамичен сценски мозаик.Сценографијата на Живоин Трајановиќ, костимите на Лира Грабул, музиката на Љупчо Мирковски и кореографијата на Сања Шутевска создадоа волшебен визуелно-музички амбиент, целосно прилагоден за детска публика. Секоја сцена беше внимателно осмислена, овозможувајќи им на децата лесно да се вклучат во приказната и да ја доживеат магијата на театарот.
Публиката со нетрпение ја следеше завршницата- дали Волкот ќе ја надмудри Црвенкапа или, пак, приказната ќе добие среќен крај? Радоста и реакциите на децата потврдија дека претставата оставила силен впечаток, а громогласните аплаузи по последната сцена беа најголемата награда за актерската екипа. Претставата „Црвенкапа“ не само што ја исполни салата до последно место туку и ги исполни срцата на најмладата публика- со смеа, возбуда, радост и поука. Овој театарски ден уште еднаш покажа дека Гевгелија со право го носи приматот на град кој вложува во културата, особено во културните содржини за најмладите.


































