Утре, 23 декември 2025 година, со почеток во 20:00 часот, во Уметничката галерија „Амам“ во Гевгелија ќе биде отворена самостојната изложба на гевгелискиот визуелен уметник, Иван Кал’чев, посветена на уметноста на суисеки- древна визуелна и духовна практика која ја слави природата во нејзината најчиста форма. Настанот е дел од програмата „Гевгелија град на културата 2025“ и претставува значаен културен настан кој ја збогатува локалната и националната уметничка сцена.
Изложбата ќе понуди 18 до 19 дела, изработени со внимателна комбинација на камен, дрво и песок, со димензии од 5 × 5 × 8 сантиметри до 30 × 20 × 20 сантиметри. Секоја композиција носи сопствена визуелна и симболичка нарација, овозможувајќи на посетителот простор за тивка контемплација и лично доживување.
Суисекито се темели на способноста на еден камен, земен директно од природата и презентиран без интервенции, да буди емоции, асоцијации или визуелни слики кои надминуваат неговата материјална форма. Потеклото на оваа уметност се врзува со кинеската традиција, а во Јапонија се развива уште во 6. век, паралелно со појавата на првите изложби на бонсаи во западниот свет.
Камeњата, често наречени „камења за набљудување“, се поставуваат на внимателно изработени дрвени подлоги- Даиза, или во плитки керамички садови исполнети со песок. Даизата не е само носач, туку создава хармонија и рамнотежа помеѓу каменот и просторот. Камењата не се модифицираат, освен кога е неопходно нивната долна површина да се израмни за природно да „седнат“ во подлогата.
Уметноста на суисекито е повеќеслојна: од внимателното трагање по каменот, неговото чистење и подготовка, изработка на соодветна подлога, до долготрајното набљудување и размислување, често доживеано како форма на медитација. Камењата се пронаоѓаат во планини, потоци и на плажи низ светот, симболизирајќи планински венци, острови, водопади или пејзажи, блиски или далечни.
Преку суисекито, набљудувачот може да ја согледа историјата на каменот- патот што го поминал до својата сегашна форма- но и да замисли дел од неговата иднина. Како и бонсаито, оваа уметност нуди чувство на „природа во мало“, еден вид микро–макро космос, каде големината не ја одредува длабочината на доживувањето.
Покрај естетската вредност, суисекито е и алатка за себеспознавање, тивок дијалог со природата и симболичен начин да се почувствува огромната моќ и рамнотежа на универзумот.
Изложбата е организирана од ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија и ветува незаборавно визуелно и духовно искуство за сите љубители на уметноста и природата.



