Во организација на Општина Гевгелија и Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, а во соработка со Друштвото за маркетинг, промоција и обуки „АЈ КЈУ МЕДИЈА“, на 22 декември 2025 година, во Медијатеката на СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија, се одржа Обука на тема: „Женско претприемништво“, наменета за млади жени кои се на прагот на носење важни одлуки за својата професионална иднина.
На обуката учествуваа 48 ученички од СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија, од трета и четврта година, од сите образовни насоки. Целта на обуката беше ученичките, по завршувањето на средното образование, а подоцна и по стекнувањето високо образование, да се охрабрат да размислуваат за претприемништвото како реална и одржлива можност за вработување и самореализација.
Во рамки на обуката беа презентирани инспиративни примери од светот, како и успешни жени претприемачки од Македонија, со што на ученичките им беше овозможен реален увид во можностите, предизвиците и патот до успешен бизнис.
Програмата опфати теми поврзани со основите на женското претприемништво, развој на бизнис-идеја, можности за поддршка и финансирање, како и значењето на економското зајакнување на жените. Обуката беше реализирана преку интерактивен пристап, практични примери и дискусија со ученичките.
Предавач беше професор д-р Наташа Ристовска на Факултетот за претприемачки бизнис при Универзитетот „Скопје“, чии области на научно-истражувачки интерес се: Eкономика на претпријатија, Претприемништво, Стратегиски менаџмент и Меѓународен менаџмент.
Активноста е дел од Програмата на Општина Гевгелија во областа на еднакви можности на жените и мажите за 2025 година, преку која локалната самоуправа континуирано работи на унапредување на еднаквите можности на жените и мажите и зајакнување на улогата на жените во локалниот економски и општествен развој.











