Во концертната сала на хотел „Аполонија“- Гевгелија, на 18 декември 2025 година се одржа Концерт на проф. Иван Наумовски и неговите студенти, во организација на Здружението „Музички моменти“, по повод нивниот 25-годишен јубилеј од дејствувањето на јавната гевгелиска, музичка сцена. Настанот беше дел од манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“ и привлече љубители на класичната музика од градот и околината.
Концертната програма беше богата и разновидна, составена од дела на композитори како: Џовани Батиста Ѓордани, Винченцо Белини, Волфганг Амадеус Моцарт, Антонин Дворжак, Хуго Волф, Џакомо Пучини и Џорџ Гершвин. Вокалните изведби го доловија богатството на вокалниот израз, емоционалната длабочина и техничката прецизност на студентите, резултат на долготрајната подготовка и менторството на проф. Наумовски.
Наталија Нешковиќ ја отвори вечерта со нежните изведби на „Caro mio ben“ од Џ. Ѓордани и „Vaga luna“ од В. Белини, додека Кармен Гемту ги интерпретираше драматичните „Stara matka“ од А. Дворжак и аријата „Ho perduta“ од В. А. Моцарт. Виктор Горѓиев го истакна своето вокално присуство со „Slyš o boze“ од А. Дворжак и „O Isis und Osiris“ од Моцарт, додека Дејан Симоски ја изведе „Varning“ од Моцарт и „I got plenty o’ nothin’“ од Џ. Гершвин, комбинирајќи техника и чувство. Сујата Мемети ја претстави аријата „Deh vieni non tardar“ од Моцарт, истакнувајќи прецизност и фразирање, а Анастасија Славковска со „Verborgheit“ од Х. Волф и „Porgi amor“ од Моцарт, Ангела Стојнова со „Voi che sapete“ и „Non so più cosa son…“ и Ева Живковска со „Ad una morta“ и „O mio babbino caro“ ја заокружија програмата со впечатливи вокални настапи.
Пијано-придружбата ја обезбедија проф. Огненка Герасимовска, Горјан Стојановски и Шпетим Мемети, кои ѝ дадоа стабилност и дополнителна длабочина на секоја нота.
Публиката ја награди посветеноста и талентот на изведувачите со бурни аплаузи и овации, оценувајќи ги со беспрекорност во музичката изведба. Концертот го потврди значењето на класичната музика во културниот живот на Гевгелија и ја нагласи важноста од поддршка на уметничките настани во градот, кои го збогатуваат културното секојдневие на граѓаните.






