Во деновите кога новогодишната атмосфера го обвива градот и кога најмладите со нетрпение ги очекуваат празниците, Народниот театар- Гевгелија, на 25 декември 2025 година, беше место со радост и насмевки. Во салата присуствуваа деца од детските градинки со воспитувачките, ученици од основните училишта со наставничките, како и најмладата публика во придружба на родителите, кои со голем интерес ја следеа детската театарска претстава „Елза и Дедо Мраз“ во изведба на Театар „Арториум“ од Скопје- претстава со изразен новогодишен карактер и јасна воспитна порака, создадена да ја донесе празничната магија поблиску до најмладите.
Дејството ги вклучи Елза, веселиот Елф и Дедо Мраз, кои преку низа комични, музички и интерактивни ситуации ја развиваа приказната. Моментите беа особено динамични кога Елза, поради недоразбирање со другарките, несвесно предизвикуваше мали проблеми за Дедо Мраз и Елфот, спречувајќи ги да ја спроведат својата мисија за делење подароци. Наместо класичен расплет, реакциите и предлозите на децата од публиката помогнаа конфликтот да се надмине, а приказната заврши со пријателство, простување и заедништво. Ова ја истакна воспитната димензија на претставата, овозможувајќи им на најмладите да учат преку игра и интеракција за соработка, прифаќање и разбирање на другите.
Музиката и сценската игра беа централни елементи во претставата. Преку весели песни и ритмични движења, актерите постојано го одржуваа вниманието на публиката, создавајќи чувство на заедничка радост, празнична енергија и живо учество на децата.
Брилијантната актерска игра на Стефанија Начевска, Бранко Атанасов и Давид Димоски со енергија, прецизна мимика и јасна комуникација успеаја да ја одржат интеракцијата со публиката жива и динамична до самиот крај. Нивната изведба, проследена со музички и игриви сцени, беше наградена со спонтани аплаузи и долготрајни овации, потврдувајќи ја успешната реализација на сценското дело.
Претставата е реализирана со режија и текст на Бранко Атанасов, а сценскиот концепт и визуелната динамика се обликувани под креативно водство на Драган Божино, создавајќи разиграна, јасна и функционална сценска целина, целосно прилагодена на детската публика.
Настанот се одржа со поддршка на Општина Гевгелија и Министерството за култура и туризам, во рамките на програмата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, со посебен акцент на културната едукација, воспитувањето преку уметност и активното учество на децата во културниот живот.
Со оваа новогодишна претстава, Гевгелија уште еднаш потврди дека детската публика заслужува внимателно осмислени културни содржини кои носат радост, забава и важни воспитни пораки, овозможувајќи им на најмладите да растат со љубов кон театарот и уметноста уште од најрана возраст.




























