Lidl започнува со изградба на свој маркет во Гевгелија, со што градот се вбројува меѓу првите во државата каде што овој меѓународен синџир на маркети го реализира својот инвестициски циклус. Со поставувањето на камен-темелникот беше одбележано официјално започнувањето на реализацијата на една од најзначајните инвестиции во областа на трговијата во општината. На свеченоста по повод почетокот на изградбата на маркетот присуствуваа голем број гости, меѓу кои и претставници на инвеститорот и на локалната самоуправа и бизнис заедницата. Пред присутните се обрати градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, кој истакна дека изградбата на Lidl претставува резултат на континуираните напори на општината за создавање поволна бизнис-клима и привлекување нови инвестиции.
– Нашата отвореност како локална самоуправа за соработка со секој кој има намера да инвестира во Гевгелија, денес вроди со уште една значајна инвестиција. Ова дополнително ќе ја зголеми атрактивноста на општината со директен ефект врз локалниот економски развој и прехранбениот сектор, истакна Сарамандов. Притоа, нагласи дека во изминатите четири и пол години локалната самоуправа презела конкретни мерки за создавање поволна бизнис клима и привлекување инвестиции, а резултатите се видливи, при што во краток период во Гевгелија се реализираат три поголеми инвестиции од областа на трговијата: трговскиот центар „Гевгелија мол“ веќе е во функција, големиот трговски центар на влезот во градот се наоѓа во завршна фаза на изградба, а денес официјално започнува изградбата на маркетот на Lidl.
– Ова е потврда дека Гевгелија станува стабилна и атрактивна средина за инвестирање. Како општина остануваме отворени за соработка и подготвени да обезбедиме логистичка поддршка за секој инвеститор кој сака да вложува во нашиот град. Продолжуваме со заложбата за подобар животен стандард и модерна, урбана Гевгелија- порача градоначалникот Сарамандов.
























