Во Блок 4.4, во тек е реализација на значаен инфраструктурен зафат- изградба на нова атмосферска канализација на улицата „Миле Пецанов“, како дел од сеопфатниот Проект за уредување и целосно заокружување на комуналната инфраструктура во овој дел на Гевгелија. Проектот опфаќа изградба на нова фекална канализација, атмосферска канализација и водоводна мрежа, со што се поставуваат основите за функционално урбано живеење.
Во рамки на градежните активности, во тек е изведбата на крак 4 од атмосферскиот цевковод Ф500, во должина од 400 метри, кој ги опфаќа улиците „Леонид Јанков“ и „Миле Пецанов“. Станува збор за технички значаен сегмент од системот за одведување на атмосферските води, кој треба да обезбеди нивно ефикасно собирање, особено во услови на зголемени врнежи.
Градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, изврши увид во текот на градежните работи, при што истакна дека станува збор за проект од исклучителна важност. Тој нагласи дека со изградбата на новиот крак се добива трајно системско решение на проблемот со одведување на атмосферските води, како предуслов за безбедни и квалитетни услови за живот.
Со целосната реализација на Проектот во Блок 4.4, се очекува овој дел од Гевгелија да добие комплетно уредена комунална инфраструктура, со што ќе се надминат досегашните проблеми и ќе се обезбеди целосно уредување на овој дел од градот.
















