Во пресрет на празникот Вознесение Христово- Спасовден, заштитник на градот Гевгелија, Општина Гевгелија во соработка со ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија подготви четиридневна програма исполнета со духовни, културни и музички содржини. „Спасовден 2026“, покрај традиционалните манифестации, од 17 до 20 мај 2026 година, на неколку локации во градот, ќе донесе и многу други интересни настани.
Одбележувањето на Спасовден започнува на 17 мај (недела) со Концерт на духовна музика во Манастирот „Св. Спас“, со почеток во 18:00 часот. Пред публиката ќе настапат Женскиот византиски хор „Св. Теофил Струмички“, под диригентската палка на Зоран Мазнејков, Градскиот мешан хор „Гортинија“ со диригент Илија Атанасов, како и Сара Мејс со вокална и инструментална изведба на келтска харфа. На 18 мај (понеделник), во Уметничката галерија „Амам“, со почеток во 19:00 часот, ќе биде отворена самостојната изложба „Љубов“ на уметникот Александар Мијак. Програмата продолжува на 19 мај (вторник) со дефиле на културно-уметнички друштва низ градот, кое ќе започне во 18:00 часот, по што на Платото на Народниот театар ќе се одржи вечерта на староградски песни „Распеана чаршија“, со почеток во 19:00 часот.
На самиот празник, 20 мај (среда), во просториите на ТППЕ- Гевгелија, со почеток во 11:00 часот, ќе се одржи настанот „Меѓуопштинска соработка за безбедни заедници“, во рамки на одбележувањето на Денот на пожарникарите. Вечерната програма на Градскиот плоштад ќе започне во 19:00 часот со перформанс на Танцовото студио „Мистик“, а ќе продолжи со Концерт на музичката група „Панта Реи“, со почеток во 20:00 часот.
Со богатата празнична програма, Општина Гевгелија и ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија ги покануваат граѓаните и посетителите заеднички да го празнуваат Спасовден преку музика, уметност, традиција и духовност.



