Општина Гевгелија и годинава е дел од големата еколошка акција „Генералка викенд 2026“, која ќе се реализира на 16 мај (сабота) со почеток во 10:00 часот, на повеќе локации на порачјето на општината.
Во рамки на активностите во Гевгелија, ќе се чисти на неколку локации, и тоа во близина на Негорски Бањи, покрај автопатот кон граничниот премин „Богородица“, како и во градските паркови.
Во акцијата ќе бидат вклучени: општинската администрација, ЈПКД „Комуналец“- Гевгелија, спортски клубови, Планинарското друштво „Кожуф“, Црвениот крст од Гевгелија, „Гевгелија Точак Клуб“, повеќе невладини организации и здруженија, како и сите заинтересирани граѓани.
Паралелно со теренските активности, сите основни училишта од општината, како и СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија, веќе спроведоа еко-активности и одржаа „Еко час“ на ниво на целата држава, со цел поврзување на наставата со практична работа на терен и подигнување на еколошката свест кај младите.
Општината упатува покана до граѓаните да се приклучат на акцијата и заедно да придонесат за почиста и поуредена животна средина.
Имено, акцијата претставува дел од националната пролетна иницијатива за чистење, која се спроведува на над 450 локации низ сите општини во државата, со учество на околу 25.000 волонтери, со цел подигнување на јавната свест за значењето на чистата и здрава животна средина.



