Во Гевгелија привршуваат градежните работи за изградба и асфалтирање на улицата „Новопланирана 7“, со која се овозможува ново сообраќајно поврзување со улицата „Гоце Делчев“. Станува збор за инфраструктурен проект чија цел е подобрување на сообраќајниот проток и унапредување на условите за безбедно движење во овој дел од градот.
Градоначалникот на oпштина Гевгелија, Андон Сарамандов, изврши увид во завршните активности на терен, при што беше истакнато дека проектот е резултат на континуирани анализи и согледувања на потребите за модерни и функционални сообраќајни решенија. Со реализацијата на проектот беа опфатени пробивање и уредување на теренот, изградба на канализација за одведување на атмосферските води, изведба на нов коловоз и целосно асфалтирање на трасата.
Во рамки на улицата е изградена и нова патека за пешаци и велосипедисти, со што дополнително се подобрува безбедноста и мобилноста на сите учесници во сообраќајот. Во наредниот период, согласно сообраќајната техничка документација, ќе се реализира поставување на потребната хоризонтална и вертикална сигнализација, по што улицата ќе биде официјално пуштена во употреба.
Општина Гевгелија продолжува со реализација на инфраструктурни проекти насочени кон современ урбан развој и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.































