Општина Гевгелија ги доби првенците на генерација за учебната 2025/2026 година. Пет ученика од основните и музичкото училиште во општината годинава го понесоа највисокото ученичко признание: Ана Урумова од ООУ „Владо Кантарџиев“- Гевгелија, Леонид Дуклевски од ООУ „Крсте Мисирков“- Гевгелија, Симона Ташкова од ООУ „Ристо Шуклев“- Негорци, Виолета Ангелова од ООУ „Климент Охридски“- Миравци и Благоја Стоев од Отсекот по пијано при ООМУ „Васо Карајанов“- Гевгелија.
Титулата „Првенец на генерација“ е резултат на нивната долгогодишна посветеност, труд и континуирани успеси во текот на образовниот процес. Изборот е направен од Наставничките совети на училиштата, врз основа на утврдени критериуми што ги вреднуваат не само одличниот успех и примерното поведение туку и активното учество во наставни и воннаставни активности, постигнатите резултати на Oпштински, Регионални и Државни натпревари, како и личните квалитети и одговорност што ги издвојуваат како пример меѓу своите врсници.
На свечен начин, директорите на Училиштата им врачија признанија и пригодни подароци во знак на признание за нивните извонредни резултати во текот на школувањето и освоената титула „Првенец на генерација“, посакувајќи им успех во идните образовни и професионални предизвици.
Со стекнувањето на ова престижно признание, учениците го заокружија своето досегашно образование со највисоката ученичка титула, потврдувајќи дека знаењето, упорноста и вистинските вредности се темел на секој успех. Нивните постигнувања претставуваат гордост за училиштата, семејствата и за целата општина, а воедно се и инспирација за идните генерации ученици.
Во согласност со долгогодишната пракса на Општина Гевгелија за поддршка на најуспешните ученици, градоначалникот Андон Сарамандов и оваа година ќе им додели паричен износ од 10.000 денари на првенците на генерација, како признание за нивниот вложен труд, посветеност и остварени успеси.“











