Гевгелија и ова лето ќе биде домаќин на Меморијалниот турнир во мал фудбал „Никола Гелебешев“, спортска манифестација која низ годините прерасна во препознатлив настан посветен на младите спортисти и негувањето на споменот за Никола Гелебешев. Новото издание на Турнирот, во организација на ЗГ Навивачка група „Фантоми Север“- Гевгелија, ќе започне на 10 јули 2026 година, а натпреварите ќе се играат на мултифункционалното игралиште кај ДТВ „Партизан“, кое и годинава ќе биде центар на младинскиот спортски живот во градот.
Право на учество имаат екипи составени од играчи од генерациите 2008/09/10, 2011/12, 2013/14, 2015/16 и 2017 година и помлади. Сите заинтересирани екипи треба навремено да го потврдат своето учество, со оглед на тоа што рокот за пријавување е до 8 јули 2026 година. Котизацијата за учество изнесува 1.000 денари по екипа, а пријавувањето може да се изврши на телефонскиот број 077/827-117.
Очекувањата се и оваа година настанот да привлече голем број учесници, како и бројна публика која ќе ужива во натпреварувачката атмосфера и возбудливите фудбалски натпревари. Организаторите упатуваат отворена покана до сите млади фудбалери, спортски клубови, родители и љубители на спортот да бидат дел од уште едно успешно издание на Меморијалниот турнир и заедно да придонесат за продолжување на оваа значајна спортска традиција во Гевгелија.



