Во ЈОУ Пионерски дом „Јосип Броз Тито“- Гевгелија започнаа градежните активности за реконструкција и адаптација на една од просториите, којашто ќе биде пренаменета во современ, мултифункционален, едукативен и конференциски центар. Почетокот на работите го одбележа градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, кој изврши увид во реализацијата на проектот. Станува збор за инвестиција во вредност од приближно 60.000 евра, со којашто на површина од околу 200 квадратни метри ќе се создаде современо уреден простор, наменет за потребите на локалната самоуправа, јавните институции, граѓанските организации, младите и останатите корисници.
Проектот предвидува целосна реконструкција и адаптација на просторот, која опфаќа изведба на молерофарбарски работи, замена на внатрешната и надворешната столарија, поставување нов систем за осветлување, како и набавка и поставување современ мебел. Со реализацијата на овие активности, просторијата ќе биде целосно функционално уредена за одржување состаноци, седници, обуки, работилници, конференции, презентации и други едукативни и јавни настани.
Реконструкцијата е дел од Проектот „Green for Good – G4G“, преку кој на подрачјето на општина Гевгелија ќе се реализираат повеќе инвестиции насочени кон одржлив локален развој и унапредување на енергетската ефикасност. Покрај адаптацијата на едукативниот центар во Пионерскиот дом, во рамки на Проектот е предвидено поставување полнач за електрични возила, како поддршка на еколошката мобилност, како и инсталирање фотоволтаичен систем на ООУ „Крсте Мисирков“- Гевгелија. Со оваа инвестиција Училиштето ќе користи обновлив извор на енергија, што ќе придонесе за поголема енергетска независност и намалување на потрошувачката на електрична енергија.
По повод почетокот на реализацијата на проектот, градоначалникот Сарамандов истакна дека определбата на Општина Гевгелија за активно искористување на финансиски средства од домашни и меѓународни извори и фондови за финансирање, изминатите години придонесе за реализација на голем број проекти на целото подрачје на општина Гевгелија, со што континуирано се подобруваат условите за живот на граѓаните и се создаваат нови можности за локален развој.
Со реконструкцијата на новиот едукативен центар, Пионерскиот дом ќе добие современ и функционален простор кој ќе биде ставен во служба на образованието, институционалната соработка и реализацијата на различни активности од јавен интерес, создавајќи подобри услови за учење, едукација и професионален развој на младите и граѓаните.















