Градоначалникот на oпштина Гевгелија, Андон Сарамандов, беше во работна посета на Општина Корделио-Евозмос во Солун, Република Грција, на покана на градоначалникот Елефтериос Александридис. Во рамките на посетата, Сарамандов оствари работна средба со градоначалникот Александридис, на која било разговарано за можностите за воспоставување соработка меѓу двете општини.
– Корделио-Евозмос е најразвиена индустриска општина во Солун со повеќе од 100.000 жители. Како општина која успешно ги користи фондовите на Европската Унија, имаат стекнато значајно искуство во областа на локалниот економски развој, што за нас претставува одлична можност за размена на добри практики- истакна Сарамандов.
На средбата, двете страни се согласиле за реализација на проекти и воспоставување партнерство кое ќе придонесе за развојот на двете општини.
– Верувам дека ваквите средби отвораат нови можности за Гевгелија и создаваат основа за конкретна соработка која ќе донесе придобивки за нашите граѓани- посочува Сарамандов.




