Жителите на улицата „Ванчо Прке“ во Гевгелија добија трајно инфраструктурно решение на долгогодишниот проблем со собирањето и одведувањето на атмосферските води, со изградба на нова атмосферска канализација и целосна реконструкција на улицата со нова асфалтна подлога.
На улицата изврши увид градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, кој се запозна со реализираните градежни активности и условите што ги добиваат жителите по завршувањето на проектот.
Во рамките на Проектот е изграден систем за одведување на атмосферските води во должина од 400 метри, со што е решен проблемот со големите количини вода кои при пообилни врнежи се слеваа по улицата и предизвикуваа потешкотии за жителите и нивните домови.
Проектот е изведен со големи сливни решетки, кои овозможуваат побрзо и поефикасно прифаќање на атмосферските води што доаѓаат од повисоките делови на градот. Воедно, отстранети се сливниците кои биле приклучени на фекалната канализација, со што се обезбедува правилно функционирање и заштита на канализацискиот систем.
По изградбата на атмосферската канализација, улицата „Ванчо Прке“ е целосно реконструирана и асфалтирана, со што доби нов изглед и подобри услови за одвивање на сообраќајот.
Со реализацијата на Проектот е решен инфраструктурен проблем кој со години го засегаше секојдневието на жителите од овој дел на Гевгелија. Градоначалникот Сарамандов посочи дека продолжуваат инвестициите во инфраструктурни проекти со кои се подобрува патната мрежа, се решаваат долгогодишни комунални проблеми и се унапредуваат условите за живот на граѓаните.




















