Просторот пред објектот на Македонски пошти на улицата „Маршал Тито“ во Гевгелија доби нов и уреден изглед по реализацијата на активностите за партерно и хортикултурно уредување.
На локацијата, која подолг период беше во незадоволителна и запуштена состојба, Општина Гевгелија изврши партерно уредување со бекатон, земјени и хортикултурни работи, садење трева и поставување нов систем за наводнување. Дополнително, поставена е и нова урбана опрема за одмор и престој на граѓаните.
Со уредувањето на просторот се создаде функционална јавна површина на фреквентна локација, која секојдневно ја користат голем број граѓани. Воедно, зафатот претставува дел од поширокото уредување на овој потег и дополнување на Проектот за реконструкција на улицата „Маршал Тито“.
За значењето на уредувањето на просторот и неговиот придонес кон целокупниот изглед на овој дел од градот, градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов, истакна:
– На оваа локација дневно поминуваат голем број наши сограѓани кои ги користат услугите на Македонски пошти, а истовремено овој простор ќе претставува додадена вредност и ќе даде целосен лик на Проектот за реконструкција на улицата „Маршал Тито“ во тој дел. Наместо запуштена површина, граѓаните добија уреден и функционален јавен простор кој ќе придонесе за поубав изглед на градот. Продолжуваме со уредување на јавните простори. Секој ваков зафат е уште еден чекор кон поубава, модерна и уредена Гевгелија.
Со реализацијата на активностите, просторот доби нова намена и поуреден амбиент, а поставувањето на зеленило, системот за наводнување и урбаната опрема придонесуваат за создавање попријатен простор за граѓаните.























