Со спектакуларен финален натпревар, полна трибина и атмосфера за паметење, во Гевгелија изминатиов викенд официјално заврши FIBA U16 EuroBasket 2026 – Division B. Шампионатот, кој се одржуваше од 6 до 15 август 2026 година, паралелно ги обедини домаќините Скопје и Гевгелија, ставајќи круна на денови исполнети со врвна младинска кошарка, силни спортски емоции и интензивно дружење меѓу репрезентациите, стручните штабови и љубителите на кошарката од цела Европа.
Со ова се стави завршна точка на 12 дена исполнети со врвна младинска кошарка, силни спортски емоции и интензивно дружење меѓу репрезентациите, стручните штабови и бројните љубители на кошарката од Македонија и ширум Европа. Гевгелија беше вистинското срце на европската младинска кошарка, а спортската сала „26 Април“ функционираше како епицентар каде што се решаваше судбината на овој шампионат.
Финалниот дуел понуди драма каква што само кошарката може да понуди. Во самите последни секунди од натпреварот, репрезентацијата на Хрватска успеа да извојува триумф над репрезентацијата на Исланд, благодарение на погодената тројка на Лука Лени Укиќ во решавачките моменти. Со тој кош се стави круна на едно исклучително возбудливо првенство кое ги донесе најперспектините млади европски кошаркари на едно место.
На свечената церемонија за доделување на медалите и признанијата, градоначалникот на oпштина Гевгелија, Андон Сарамандов, лично им ги врачи признанијата на најуспешните тимови, со што Општина Гевгелија и официјално го заокружи своето успешно домаќинство. По завршувањето на церемонијата, Сарамандов се осврна на значењето на овој голем настан за општината.
– За нас како град ова првенство беше уште една можност да покажеме дека Гевгелија е гостопримлив град, град со услови за организација на големи меѓународни настани, верувам дека и овојпат ја оправдавме довербата. Бевме во центарот на европската кошарка, а нашата спортска сала, градот и нашите сограѓани имаа можност да бидат дел од една прекрасна спортска приказна- истакна градоначалникот Сарамандов.
Првиот човек на општината упати јавна благодарност до ФИБА Европа и Кошаркарската федерација на Македонија за доделената доверба, како и до сите поединци, институции и волонтери кои неуморно работеа зад сцената за секој сегмент од организацијата да помине во најдобар ред.
– Голема благодарност до ФИБА Европа и Кошаркарската федерација на Македонија, за укажаната чест, нашиот град да биде дел од ова европско натпреварување. Благодарност и до сите вклучени во организацијата на натпреварите, волонтери, институции и луѓе кои дадоа свој придонес во успешната организација на првенството- додаде тој.
По посебната истакната благодарност до локалното население, Сарамандов подвлече дека публиката била клучниот фактор за топлата и спортска атмосфера.
– И секако до граѓаните на Гевгелија кои со својата поддршка, присуство и гостопримливост уште еднаш покажаа дека нашиот град знае да биде вистински домаќин- порача тој.
Ова првенство не само што на спортската публика ѝ понуди квалитетни натпревари туку уште еднаш ја позиционираше Гевгелија на меѓународната спортска мапа, потврдувајќи ја стратешка определба на локалната самоуправа за развој и поддршка на спортот.
Со последниот звук на сирената и свеченото доделување на медалите, заврши оваа 12-дневна кошаркарска приказна во Гевгелија која, како што заклучи Градоначалникот- ќе остане запаметен како дел од спортската историја на нашиот град.



























































