Мирисот на печениот ајвар, слаткиот вкус на смоквите, чашата добро вино, звуците на музиката и познатото јужно гостопримство повторно ќе се спојат во Гевгелија. Од 11 до 13 септември 2026 година, градот ќе живее во ритамот на четвртото издание на „Taste the South“ или „Вкуси го југот“- Фестивалот што низ храната, музиката и традицијата ја раскажува приказната за југот. Фестивалот ќе се одржува на паркингот кај Новиот пазар „Сава Михајлов“. Во петок и сабота програмата ќе започне во 17:00 часот и ќе трае до 01:00 часот, додека во недела фестивалските содржини ќе започнат во 12:00 часот и ќе траат до полноќ. Три дена, три различни гастрономски приказни и квалитетна музика ќе бидат безброј причини за добро дружење.
Фестивалската програма ќе ги стави во центарот локалните специјалитети и производи, македонските вина и традиционалните вкусови, но и мајсторството на оние кои храната ја претвораат во вистинско уживање. Петокот ќе мириса на ајвар, со презентации и подготовка на храна пред посетителите. Саботата ќе биде во знакот на смоквата, со производи и вкусови подготвени од ова карактеристично јужно овошје. А кога Фестивалот ќе стигне до неделата, на ред доаѓа еден од препознатливите вкусови на традицијата- дегустацијата на ракија. Меѓу фестивалските штандови свое место ќе имаат и локалните винарии и производители, кои ќе понудат можност да се вкуси дел од богатството што го носат гевгелискиот крај и македонската гастрономија.
Но, „Taste the South“ не се раскажува само преку вкусови. Музиката ќе биде вториот ритам на Фестивалот, со настапи на познати артисти кои ќе придонесат атмосферата да трае до доцните часови. Храната, виното, музиката и луѓето ќе го создадат она препознатливо фестивалско чувство по кое „Taste the South“ се разликува. Посебна фестивалска приказна ќе биде неделата, која започнува уште напладне и носи целодневна програма. Од најмладите до највозрасните, сите ќе имаат можност да бидат дел од ден исполнет со гастрономија, музика, забава и дружење.
Четвртото издание на „Taste the South“ повторно ќе ја отвори Гевгелија кон вкусовите, мирисите и звуците на југот- онаму каде што добрата храна е повод за средба, виното е дел од приказната, а гостопримството доаѓа природно. Со секое ново издание, „Taste the South“ станува повеќе од фестивалска програма. Тој создава препознатлива слика за Гевгелија како град кој знае да ги претвори своите особености во доживување и да ги спои локалните приказни со современ фестивалски дух. Во тие три дена, градот добива поинаков ритам, а неговите улици и простори стануваат место за средби, нови искуства и убави спомени. Токму затоа „Taste the South“ продолжува да го гради својот идентитет како настан што ја доближува Гевгелија до посетителите и ја претставува нејзината посебност на начин што се памети.




