Во населеното место Давидово е завршена изградбата на потпорен ѕид покрај реката која минува низ селото, со што Општина Гевгелија реализираше конкретно барање на жителите и создаде услови за понатамошно уредување на овој дел од населеното место. Интервенцијата е значајна не само за стабилизација на просторот покрај реката, туку и како дел од поширокото инфраструктурно решение со кое треба да се подобри пристапот до домовите на жителите.
Потпорниот ѕид овозможува да се пристапи кон следната фаза од уредувањето- изградба на патот кој минува покрај реката. Со тоа, покрај подобрувањето на патната инфраструктура, ќе се овозможи и посигурно движење во овој дел од Давидово, Градоначалникот на oпштина Гевгелија, Андон Сарамандов, при посетата на Давидово разговараше со жителите за реализираната активност, но и за нивните други потреби и за планираните активности во населеното место.
– Изградбата на потпорниот ѕид беше предуслов за доградба на патот кој минува покрај овој дел на реката, но истовремено со него се решава и регулацијата на водотекот на реката и се зголемува безбедноста на овој простор. Активностите за изградба на потпорниот ѕид се веќе завршени и во најскоро време ќе пристапиме кон изградба на патот, со што луѓето кои живеат во тој дел ќе добијат достоен пристап до своите домови. Барањата на граѓаните за нас претставуваат обврска која треба да биде исполнета, затоа и понатаму ќе продолжиме да работиме на нивно решавање- истакна градоначалникот Сарамандов по повод завршувањето на оваа градежна активност.
Изградбата на патот во продолжение на потпорниот ѕид ќе претставува дополнителен чекор кон подобрување на условите за живеење на жителите од овој дел на Давидово. Со активностите на терен, Општина Гевгелија продолжува да ги реализира инфраструктурните барања на граѓаните и да работи на подобрување на условите за живот во сите населени места.


















