По години во кои старите фасади, калдрмата и некогашниот еснафски дух ги чуваа спомените за едно поинакво време, Старата чаршија во Гевгелија повторно го доби својот препознатлив и автентичен лик. Со свечено сечење на лентата беше одбележано завршувањето на Проектот: „Реконструкција со реставрација на фасадите и партерно уредување на Старата чаршија во Гевгелија“. На настанот присуствуваа: претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски; потпретседателот на Владата и министер за транспорт и комуникации, Александар Николоски; министерот за култура и туризам, Седат Сулејмани, како и бројни локални функционери, претставници на институциите кои беа вклучени во реализацијата на проектот и голем број граѓани.
За значењето на проектот за градот и неговата историска вредност, пред медиумите се обрати градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов:
– Голема е честа што денес заедно со претседателот на Владата на Република Македонија, г-динот Христијан Мицкоски, министерот за транспорт и врски и потпретседател на Владата, Александар Николоски, министерот за култура и туризам, Седат Сулејмани, бројни гости и гевгеличани, го означивме завршувањето на реализацијата на проектот Реконструкција со реставрација на фасадите и партерно уредување на Старата чаршија во Гевгелија.
Ставајќи го акцентот на значењето на Старата чаршија за градот, Градоначалникот зборуваше и за повеќефазната реализација на проектот:
– Старата чаршија претставува историски белег на градот и е дел од културата на гевгеличани. Овој проект опфати повеќе фази: имавме изградба на целосна нова подземна инфраструктура- беа изведени нова атмосферска, нова фекална канализација и нова водоводна линија, со што беа обезбедени нови приклучоци за сите дуќани; беше заменета целата столарија; беше извршена реконструкција со реставрација на фасадите со задржување на некогашниот автентичен лик; беше извршено поплочување на партерот со гранитни плочи, а исто така беше поставена и урбана опрема и модерно осветлување.
Сарамандов посочи дека проектот е реализиран со државна финансиска поддршка, при што упати благодарност до Владата и премиерот Христијан Мицкоски:
– Проектот Реконструкција со реставрација на фасадите и партерно уредување на Старата чаршија во Гевгелија беше реализиран со средства обезбедени од Владата на Република Македонија преку Министерството за култура и туризам. Затоа упатувам огромна благодарност до претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, за поддршката да се реализира овој значаен, капитален проект за гевгеличани, благодарност и за целокупната поддршка која во континуитет Општина Гевгелија ја има од претседателот на Владата.
Во реализацијата беа вклучени повеќе институции, стручни тимови и компании, на кои Градоначалникот им упати посебна благодарност:
– Благодарност и до сите кои беа вклучени во овој процес за реализација на проектот и кои дадоа свој придонес: Министерството за култура и туризам, Министерството за транспорт и врски, Секторот за урбанизам при Локалната самоуправа во Гевгелија, Управата за заштита на културното наследство, Музејот од Струмица, Проектантското биро „Гоја“ од Гевгелија, правното лице изведувач „3Т-Траде“ и Јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“ од Гевгелија.
Сарамандов очекува обновениот простор повторно да стане место за средби на гевгеличани, но и нова туристичка содржина за градот:
– На крајот ќе кажам дека верувам дека на ова прекрасно место моите сограѓани повторно ќе остваруваат средби, ова место ќе ги чува спомените од минатото и ќе ни биде една нова туристичка атракција.
Дополнително, градоначалникот Сарамандов посочи дека Проектот за Старата чаршија, започнат во 2022 година, бил меѓу приоритетните програмски активности за Гевгелија и дека реализацијата била сложена и барала континуирана работа, особено поради постапките поврзани со заштитата на културното наследство, вклучително и конзерваторските активности спроведени во 2024 година. Сарамандов ја истакна поддршката од граѓаните како значаен фактор за реализацијата на проектот, посочувајќи дека дуќанџиите и закупците во текот на работите поминале низ тежок период. Според него, промените бараат време и трпение, но резултатот останува како придобивка за целата заедница. Тој оцени дека со обновата просторот повторно има услови да го заживее срцето на градот и да стане место во кое ќе се создаваат нови приказни. На крајот, тој ја истакна обновата на чаршијата како дел од пошироката визија за развој на Гевгелија и порача дека локалната самоуправа продолжува со реализација на нови проекти за општината: уредена и модерна.
Министерот за култура и туризам, Седат Сулејмани, истакна дека Старата чаршија е целосно реконструирана со инвестиција од 41 милион денари, со што повторно го добива заслужениот изглед и значење. Тој потсети дека чаршијата е регистриран споменик на културата од 2004 година и нагласи дека покрај зачувувањето, потребно е културното наследство да добие нов живот и вредност. Според него, обновениот простор треба да прерасне во современо културно-туристичко јадро, отворено за граѓаните, настаните и посетителите. Сулејмани најави продолжување на поддршката за конкретни проекти со кои културното наследство ќе биде зачувано, достапно и препознатливо за новите генерации.
Потпретседателот на Владата и министер за транспорт и комуникации, Александар Николоски, ја истакна соработката меѓу Министерството, Општина Гевгелија и надлежните институции во реализацијата на проектот. Тој посочи дека биле издадени 27 одобренија за реконструкција на 27 заштитени објекти, како и соодветни дозволи за партерното уредување и реконструкцијата на пристапните и главната улица во чаршијата. Николоски се осврна и на државните инвестиции во Гевгелија, вредни околу 165 милиони денари, при што ги издвои проектите во Моин, Прдејци и Богородица, завршувањето на Западниот булевар „Св. Климент Охридски“, како и реконструкциите на улиците „Железничка“, „Маршал Тито“, „Гевгелиски партизански одреди“ до Железничката станица и „Новопланирана“. Тој најави продолжување на поддршката за општина Гевгелија и реализација на нови проекти.
Премиерот Христијан Мицкоски изрази очекување дека и во следниот период ќе продолжи реализацијата на вакви проекти во Гевгелија и во другите општини. Тој посочи дека Владата досега има издвоено околу половина милијарда евра за повеќе од 1.200 проекти и најави нови средства за капитални инвестиции преку општините, со цел подобрување на квалитетот на животот на граѓаните. Мицкоски ја нагласи и важноста на соработката меѓу централната и локалната власт, при што упати честитки до градоначалникот Андон Сарамандов и благодарност до Советот, општинската администрација и сите институции вклучени во реализацијата на проектите.
Со реконструкцијата, историското јадро на Гевгелија доби уреден, функционален и современо опремен простор, во кој е зачуван препознатливиот дух на Старата чаршија. Обновениот простор создава услови за повторно враќање на граѓаните, културните настани и туристичките посети, но и за оживување на дуќаните и трговскиот живот.
Свеченото одбележување на завршувањето на проектот беше заокружено со настапот на вокалната и дел од музичката група при Ансамблот „Бојмија“- Гевгелија, во присуство на бројни граѓани и гости, со што обновената Стара чаршија уште еднаш се покажа како простор што може повторно да стане едно од живите и препознатливи места во градот.
































































