Во Серменин се одржа четвртото издание на спортско-рекреативниот настан „Сите уф Серменин“, во организација на „Гевгелија Точак Клуб“. Настанот и годинава собра љубители на велосипедизмот од различни делови на Македонија и од различни генерации, кои учествуваа во планинската велосипедска тура и уживаа во природните предели на Кожуф.
На велосипедската тура, која беше во должина од 42 километри и со околу 1.200 метри висинско искачување, учествуваа околу 140 велосипедисти. Стартот беше од центарот на селото Серменин, од каде што учесниците се упатија кон Волчка Чешма, а потоа кон викенд-населбата „Коњаре“, каде што беше предвидена пауза. По паузата, велосипедистите продолжија кон Висока Чешма, по што преку Волчка Чешма се вратија назад во Серменин. Маршрутата, покрај спортскиот предизвик, на учесниците им овозможи да ги доживеат природните предели на Кожуф. Покрај велосипедската тура, викендот беше исполнет со дружење, кампување и престој во природа, со што настанот понуди можност за активно поминување на слободното време и дружење на отворено.
За значењето на настанот за спортот и промоцијата на туристичкиот потенцијал на Гевгелија, градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, истакна:
– Со учеството на голем број љубители на велосипедизмот и посетители од цела Македонија, ваквите настани придонесуваат за афирмација на спортот и активниот начин на живот, но пред сè и за Гевгелија како град со голем туристички потенцијал и богатство од природни убавини. Серменин и Кожуф се едни од тие со кои располага нашата општина.Честитки до организаторите од „Гевгелија Точак Клуб“ и сите ентузијасти од Гевгелија за прекрасната организација.
Со одржувањето на „Сите уф Серменин“, Серменин и Кожуф уште еднаш се потврдија како простор погоден за развој на велосипедизмот, рекреативниот и планински туризам, привлекувајќи учесници и посетители од различни делови на земјата.































