Градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, оствари работна средба со Атила Фодор, вршител на должноста амбасадор на Унгарија во Македонија, заедно со Габор Редечи, втор секретар и Иштван Ердош, аташе за Министерството за внатрешни работи при Амбасадата на Унгарија. Средбата беше посветена на запознавање на дипломатските претставници со состојбите, развојните приоритети и потенцијалите на општина Гевгелија, како и со активностите што ги презема локалната самоуправа за подобрување на условите за живот и создавање можности за понатамошен развој на општината.
Пред нив, градоначалникот Сарамандов ги претстави активностите на локалната самоуправа насочени кон подобрување на квалитетот на живот на граѓаните, унапредување на условите за развој и искористување на потенцијалите со кои располага Гевгелија. Воедно, беше истакната и значајната географска положба на општината, како една од нејзините развојни предности. Во рамките на разговорот беше отворена можноста за понатамошна комуникација и размена на искуства, како и за воспоставување контакти што би можеле да придонесат кон идни форми на соработка.
– Ваквите средби се од особено значење за подобро запознавање на странските дипломати со Гевгелија, со нејзините потенцијали и можности, како и за подобро позиционирање на нашиот град како важна стратешка позиција на Балканот. Верувам дека воспоставувањето и продлабочувањето на ваквите контакти може да придонесе и за идни можности за соработка и поврзување- истакна градоначалникот Сарамандов како заклучок од оваа средба.
Продолжувањето на директната комуникација со меѓународните партнери овозможува Општина Гевгелија да ги претставува своите развојни потенцијали и приоритети, но и да отвора простор за размена на искуства, нови иницијативи и конкретни форми на соработка од интерес за општината и нејзините граѓани.









