Заврши опремувањето на две училници за стручна настава во СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија, наменети за учениците од образовните профили Забен техничар и Фармацевтски техничар. Со ова се создаваат современи услови за изведување на наставата во двете стручни насоки, со посебен акцент на практичната работа и стекнувањето вештини потребни за идната професија на учениците.
За потребите на образовниот профил забен техничар е опремена заботехничка лабораторија со соодветна опрема и материјали за практична настава. Набавени се технички микромотори, вибратор за гипс, гипс-тример со дијамантски диск, хидраулична преса, единечна и двојна преса, метални кивети, артикулатори, акрилат за топла полимеризација и акрилат за репаратури, гарнитури заби, фрези, плав восок, изолак, гумички за насадник, дијамантски борери, дискови за полирање, алгинат, лажици за отпечаток и восок за загриз.
Со новата опрема, учениците од оваа насока ќе имаат можност практичниот дел од наставата да го реализираат во соодветно опремена училишна лабораторија и непосредно да се запознаваат со опремата, инструментите и материјалите што се користат во заботехничката практика.
Опремен е и кабинетот за учениците од образовниот профил фармацевтски техничар. Како дел од опремувањето е обезбеден стандарден лабораториски дигестор со работна површина, заштитен панел, осветлување, систем за вентилација и извлекување на воздухот, електрични приклучоци, интегрирано лавабо и лабораториска чешма, како и довод и одвод на вода и издувен канал. За потребите на практичната настава во фармацевтската лабораторија се набавени и епрувети, сталаци за бирети, градуирани бирети, сталаци за пипети, градуирани пипети, мензури, лабораториски чаши, Ерленмаерови колби, инки, одмерни тиквици, порцелански авани и толчници, пластични лажици, реагенс-боци, стаклени стапчиња и филтер-хартија.
Со оваа опрема, учениците ќе имаат можност практично да се запознаваат со лабораторискиот прибор и садовите што се користат во фармацевтската струка, да ги усовршуваат вештините за нивно правилно користење и да се запознаваат со постапките при лабораториската работа. Поставувањето на лабораторискиот дигестор обезбедува дополнителни услови за изведување на практичната настава во соодветно опремена лабораторија
Опремувањето на двете училници, реализирано од Општина Гевгелија преку набавка на специјализирана опрема, лабораториски прибор и материјали, значително ги подобрува условите за стручно образование во СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија. Со тоа, наставните содржини од стручните предмети се надополнуваат со практична работа во соодветно опремени кабинети, овозможувајќи им на учениците од образовните профили забен техничар и фармацевтски техничар подобро да ги усвојуваат знаењата и да ги развиваат професионалните вештини потребни за идната професија.
– Вложувањето во современо образование и подобрувањето на условите за учениците остануваат еден од нашите приоритети. Продолжуваме да создаваме подобри услови за образование и развој на младите во општина Гевгелија- истакна градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, за опремувањето на двата кабинета.




















