Во СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија, за учениците се одржа едукативна обука на тема „Заштита од пожари, евакуација и спасување“, посветена на подигнување на свеста за превенцијата од пожари и правилното постапување во ситуации во кои се загрозени безбедноста и здравјето на луѓето.
Обуката беше организирана од Доброволното противпожарно друштво- Гевгелија, во соработка со Противпожарниот сојуз- Скопје. Преку едукативни содржини и практична демонстрација, учениците имаа можност да се запознаат со основните принципи на заштита од пожари, значењето на навремената реакција и потребата од правилно спроведување на постапките за евакуација и спасување.
Посебен дел од обуката беше посветен на практична демонстрација на гаснење запалена плинска боца со противпожарен апарат. На овој начин, учениците непосредно се запознаа со примената на противпожарната опрема и со важноста од соодветна подготовка за справување со ризични ситуации.
Ваквите едукативни активности придонесуваат за јакнење на знаењата и свеста кај младите за заштита од пожари, како и за важноста на одговорното однесување и почитувањето на безбедносните процедури. Преку поврзување на теоретските знаења со практични примери, учениците добиваат можност подобро да ја разберат важноста на превенцијата и подготвеноста за правилно реагирање во вонредни ситуации.











