Општина Гевгелија ја започна постапката за проектирање на нов Градски плоштад, со цел создавање современ, функционален и урбан простор кој ќе одговори на потребите на граѓаните и ќе придонесе за понатамошно унапредување на изгледот на централното градско подрачје.
По тој повод, во новата конференциска сала на ЈОУ Пионерски дом „Јосип Броз Тито“ во Гевгелија, беше одржана работна средба на која присуствуваа претставници од Секторот за урбанизам при Општина Гевгелија, претставници на проектантското биро и стручни лица од областа на архитектурата и урбанизмот. На средбата беа презентирани и разгледани првичните идеи и предлози за идниот изглед и функционалноста на новиот Градски плоштад.
Во рамки на дискусијата беа изнесени повеќе стручни мислења и предлози, кои ќе бидат дополнително разгледани од страна на проектантот и ќе послужат како насоки за натамошно обликување на проектното решение. Вклучувањето на стручната јавност уште во почетната фаза од проектирањето има цел да придонесе кон изработка на квалитетно решение, засновано врз современите урбанистички принципи, функционалноста на просторот и долгорочните потреби на градот.
Како што информираше градоначалникот Сарамандов, Проектот предвидува изградба на нов, современ и урбан плоштад, со претходна замена на подземните инсталации, продолжување на концептот на употреба на квалитетни и трајни материјали, меѓу кои и гранитот, збогатување на просторот со повеќе зелени површини, поставување нова урбана опрема и современо осветлување, како и воведување содржини наменети за најмладите.
– Нашата цел е да добиеме квалитетно, современо и долгорочно решение кое ќе го унапреди изгледот на Гевгелија. Белег кој покрај Реконструкција и реставрација на Старата Чаршија и реконструкцијата на улицата „Маршал Тито“ во центалното градско јадро ќе создаде урбана целина за привлекување туристи, а, секако, и простор за сите нашите сограѓани. Продолжуваме со посветена работа за поубава и модерна Гевгелија- потенцираше Сарамандов.
Општина Гевгелија продолжува со активностите за урбано уредување и модернизација на градот, со определба за реализација на долгорочни проекти кои ќе придонесат кон подобар квалитет на живот, ќе ги поврзат културно-историските вредности на Гевгелија со современите урбани решенија и ќе создадат современа, функционална и привлечна градска средина за сегашните и идните генерации.











