Претстојниот викенд (14-15 ноември 2026 година, сабота-недела), Гевгелија ќе биде во знакот на атлетиката и спортскиот дух, како домаќин на шестото издание на „November Run 2026“, најмасовниот спортски настан од ваков вид во градот, кој традиционално привлекува голем број учесници од земјата и странство.
По тој повод, денеска Атлетскиот клуб „7 Ноември“, организатор на настанот, одржа прес-конференција, на којашто од организацискиот одбор на Здружението беа презентирани програмата, техничките детали и подготовки за претстојните трки. На прес-конференцијата се обрати и градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, кој ја истакна поддршката на локалната самоуправа за развојот на спортот и организацијата на настани кои придонесуваат за промоција на Гевгелија.
– Како и секогаш, ќе дадеме сѐ од себе да бидеме добри домаќини. Верувам дека сите учесници и гости ќе понесат убави впечатоци од Гевгелија и гостопримството на нашите сограѓани- истакна Сарамандов, упатувајќи честитки до организаторите од Атлетскиот клуб „7 Ноември“ за нивната посветеност и вложениот труд во подготовката на шестото издание на трката.
Градоначалникот Сарамандов упати покана до граѓаните да ја поддржат манифестацијата и да придонесат за позитивната спортска атмосфера во градот, а на сите учесници им посака успешни трки и добри спортски резултати.
Посебно место во програмата и оваа година има инклузивната трка „Run Together“, која четврта година по ред се одржува во рамките на „November Run“. Преку неа се испраќа порака за еднаквост, заедништво и меѓусебна поддршка, афирмирајќи го спортот како простор во кој секој треба да има можност за учество, без разлика на своите способности.
Програмата на шестото издание на „November Run 2026“ започнува во сабота, 14 ноември, со детските трки. Првата трка е за деца родени во 2020 година и помлади, со почеток во 11:30 часот, по што во 12:00 часот ќе се одржи трката за децата родени во 2018 и 2019 година. Во 12:30 часот е предвидена трката за генерацијата 2016–2017, додека во 13:00 часот ќе се натпреваруваат децата родени во 2013, 2014 и 2015 година. Саботната програма ќе заврши со инклузивната трка „Run Together“, која ќе започне во 13:30 часот. Во недела, 15 ноември, на програмата се двете главни атлетски трки. Натпреварувачите ќе ја започнат трката на 5 километри во 09:00 часот, додека стартот на трката на 10 километри е закажан за 10:15 часот. Стартот и целта на трките ќе бидат на улицата „7 Ноември“, помеѓу Старата чаршија и платото пред споменикот на Сава Михајлов.
За шестото издание на „November Run 2026“ се пријавени приближно 3.300 учесници, од кои околу 800 на детските трки, околу 1.000 на инклузивната трка „Run Together“ и околу 1.500 на трките на 5 и 10 километри. Големиот интерес ја потврдува масовноста на оваа спортска манифестација, која прераснува во препознатлив атлетски настан и привлекува учесници од земјата и странство.
Организацијата на „November Run“ е уште една можност за промоција на Гевгелија како град кој ги поддржува спортските иницијативи, активниот начин на живот и инклузивноста. Општина Гевгелија и понатаму ќе биде партнер и поддржувач на квалитетни спортски манифестации кои го збогатуваат локалниот живот и привлекуваат учесници и посетители од поширокиот регион.




















