Општина Гевгелија беше домаќин на средба со партнерите од Македонија и Грција, кои заеднички го реализираат прекуграничниот проект „Green for Good- G4G“ („Зелено за добро“). Средбата се одржа во новата конференциска сала во ЈОУ Пионерски дом „Јосип Броз Тито“- Гевгелија, која е реконструирана и опремена во рамките на овој проект.
На работната средба беа презентирани досегашните резултати од реализацијата на проектните активности, со посебен осврт на инвестициите и мерките насочени кон унапредување на енергетската ефикасност, користењето обновливи извори на енергија, подобрувањето на инфраструктурата на јавните објекти и развојот на одржливата мобилност во прекуграничниот регион.
Проектот „Green for Good- G4G“ опфаќа низа активности за поттикнување на примената на зелени технологии и одржливи енергетски решенија. Меѓу нив се поставувањето фотоволтаични системи на јавни објекти, инсталирањето полначи за електрични возила, како и други интервенции насочени кон поефикасно користење на енергијата и намалување на влијанието врз животната средина.
За Општина Гевгелија, еден од конкретните резултати од Проектот е реконструкцијата и опремувањето на конференциската сала во Пионерскиот дом, со површина од околу 200 квадратни метри. Просторот е ставен во функција на локалната самоуправа и обезбедува современи услови за одржување работни состаноци, конференции, работилници, едукативни средби и други активности. Со оваа инвестиција, Општина Гевгелија добива функционален простор за институционална соработка и размена на искуства.
Во врска со реализацијата на Проектот и придобивките за Гевгелија, градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, истакна:
– Во рамки на проектот се реализира поставување фотоволтаични системи на јавни објекти, инсталирање полначи за електрични возила, како и активности за поттикнување на користењето зелени технологии. Во Гевгелија, преку овој проект, ја реконструиравме и опремивме конференциската сала во Пионерскиот дом, која веќе е ставена во функција на локалната самоуправа за одржување работни состаноци, работилници и други активности. Благодарност до ЦИСС за поддршката и можноста Гевгелија да биде дел од овој проект, како и до сите партнери од Македонија и Грција за досегашната успешна соработка. Преку вакви партнерства и во иднина ќе продолжиме да реализираме проекти кои носат конкретни придобивки за нашите граѓани.
Преку учеството во прекуграничниот проект „Green for Good- G4G“, Општина Гевгелија придонесува кон реализација на активности за примена на обновливи извори на енергија, енергетска ефикасност и одржливи решенија во јавниот сектор. Истовремено, партнерството со институциите и организациите од Македонија и Грција овозможува размена на знаења и искуства и создава можности за заеднички иницијативи во интерес на развојот на прекуграничниот регион.

























