Околу 1.200 учесника, од најмладите до повозрасните сограѓани, беа дел од годинешното издание на традиционалната манифестација „Гевгелија на точак“, која по повод седмоноемвриските празници, шеста година по ред, донесе велосипедска дружба, рекреација и промоција на здравите животни навики и одржливиот урбан транспорт.
Настанот го организираше Здружението на граѓани „ChangeMakers4All- Промени сѐ“, во коорганизација со „Точак клуб Гевгелија“. Велосипедското дефиле се одржа на 8 ноември, со почеток на улицата „Маршал Тито“, кај „ДНКВ Комерц“, а во него учествуваа деца, млади, родители, семејства и повозрасни љубители на велосипедизмот. Манифестацијата и оваа година ја потврди својата улога во поттикнувањето на велосипедизмот како здрав, достапен и еколошки начин на движење низ градот, испраќајќи ја пораката: „Повеќе велосипеди- помалку возила!“.
По завршувањето на дефилето, беше организиран и натпревар во „бавно возење“, во кој најмладите учесници ги покажаа своите вештини за одржување рамнотежа, концентрација и дисциплина. Натпреварувањето се одвиваше во две групи, а за сите учесници беа обезбедени дипломи како признание за нивното учество и вложениот труд.
Во првата група, првото место го освои Филип Јованов, второто Давид Димовски, а третото Иван Митковски. Во втората група, најуспешен беше Ѓорѓи Шутов, второто место му припадна на Филип Стоилковиќ, а третото на Леонид Ѓуров.
Посебно внимание привлече и главната награда- два нови велосипеда за најуспешните натпреварувачи, од кои едниот е обезбеден од градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, кој и оваа година ја поддржа манифестацијата.
Со големиот број учесници и позитивната енергија, „Гевгелија на точак 2026“ уште еднаш покажа дека велосипедизмот може да биде повод за заедничко дружење, меѓугенерациско поврзување и поттикнување на еколошката свест. Преку ваквите иницијативи, организаторите продолжуваат да го афирмираат велосипедот како едно од најдобрите решенија за почиста и поздрава урбана средина.














































