Дожд, ветер, студено време, но многу детска насмевка, натпреварувачки дух и позитивна енергија. Неповолните временски услови не беа пречка за учесниците на 6. издание oд детските трки на „November Run 2026“, кое уште еднаш ја претвори Гевгелија во место на спортско дружење, пријателство и промовирање на вистинските спортски вредности. Покрај детските трки во повеќе возрасни категории, посебно место и оваа година имаше инклузивната трка „Run Together“, која со меѓународно учество испрати порака дека спортот не познава граници и разлики.
По четврти пат се одржа „Run Together“, во организација на Фондацијата „Ице Бегов“, во соработка со Атлетскиот клуб „7 Ноември“. Оваа ненатпреварувачка трка на 1 километар ги обедини лицата со и без попреченост, децата, семејствата, спортистите, волонтерите и претставниците на училиштата и здруженијата. И тоа, од повеќе градови во земјава- Скопје, Велес, Битола, Кавадарци, Струмица, Македонска Каменица и Гевгелија. Заедничкото учество на истата патека уште еднаш потврди дека спортот е простор во кој секој треба да има можност да учествува, да се радува и да биде прифатен.
Годинешното издание донесе и значајно ново поглавје за „Run Together“. За првпат, на трката учествуваа и гости од Центарот за социјална поддршка на лица со попреченост од Кукуш, Република Грција, со што таа доби меѓународен карактер. Нивното учество ја прошири приказната за инклузијата надвор од локалните рамки, претворајќи ја во можност за прекугранично пријателство, поврзување и заедничко промовирање на еднаквите можности во спортот.
Пријателството меѓу двете организации беше зацврстено и со потпишување Меморандум за соработка меѓу Фондацијата „Ице Бегов“ и Центарот од Кукуш. Со него се отвораат можности за заеднички активности, меѓусебни посети, размена на искуства, учество на спортски и инклузивни настани, летни кампови и реализација на заеднички европски проекти. Гостите од Грција, покрај учеството, донесоа и рачно изработени подароци, создадени со многу љубов и внимание, кои претставуваат уште еден симбол на воспоставеното пријателство.
Поддршка на детските трки и инклузивната трка дадода: државниот секретар во Министерството за спорт, Сашо Огњеновски; градоначалникот на oпштина Гевгелија, Андон Сарамандов; градоначалникот на oпштина Пеонија, Константинос Сионидис; Астериос Тацис од Центарот за социјална поддршка во Кукуш, Сотирис Јанакудакис од „Мега Шопинг Парк“, како и Шабан Трстена, олимписки шампион и долгогодишен пријател на настанот, кој е дел од оваа инклузивна спортска приказна уште од нејзиното прво издание.
– Гевгелија повторно е во центарот на спортските случувања во Македонија. По четврти пат годинава се одржа и инклузивната трка „Run Together“, која денес многумина од нас не нè остави рамнодушни. Оваа трка повторно испрати порака дека спортот е поле за натпреварување и радување на сите нас- истакна градоначалникот на oпштина Гевгелија, Андон Сарамандов.
Тој упати честитки до сите деца кои учествуваа во трките, како и до нивните родители за поддршката и за создавањето правилни спортски навики уште од најмала возраст. Притоа, посочи дека „November Run“ прерасна во препознатлив спортски бренд на градот, со значаен придонес за промоцијата на Гевгелија, развојот на спортот и спортскиот туризам.
А дека за вистинскиот спортски дух временските услови се само уште еден предизвик, најдобро покажаа најмладите тркачи. И покрај дождот и ветерот, тие со нетрпение го дочекаа својот старт и се натпреваруваа во три возрасни категории, во машка и женска конкуренција. Со секој истрчан метар, најмладите спортисти покажаа дека зад спортските резултати стојат упорноста, посветеноста и желбата да се даде најдоброто од себе.
Во категоријата родени 2013 – 2015 година, во женска конкуренција првото место го освои Ана Бегова од Атлетскиот клуб „7 Ноември“, со време од 3:36 минути. Втора беше Ела Краусова (3:38), а трета Тања Пауновиќ од АК „Инвиктус“- Пале (3:47). Кај момчињата, најбрз беше Максим Ангов од АК „7 Ноември“ со време од 3:07 минути. Второто место го освои Ѓорѓе Папуќиев со 3:08 минути, а третото Александар Угарчев со 3:27 минути.
Во категоријата родени 2016 – 2017 година, кај девојчињата најдобра беше Андреа Кубуриќ со време од 3:31 минути, втора се пласираше Пепика Дебникова од АК „7 Ноември“ со 3:54 минути, а трета Каја Алексовска од „Делта“ со 4:06 минути. Во машка конкуренција, првото место го освои Томче Петков од АК „7 Ноември“ со време од 3:36 минути, втор беше Горан Семенаков со 3:51 минути, а трет Тома Кјаев со 3:54 минути.
Во најмладата категорија, родени 2018 – 2019 година, кај девојчињата првото место ѝ припадна на Илина Ѓорѓиевска од „Делта“ со време од 4:18 минути. Втора беше Калина Колева од СТК „Триоги рејсинг“- Скопје (4:40), а трета Горјана Дебникова од АК „7 Ноември“ (4:49). Кај момчињата, прв беше Костадин Семенаков од АК „7 Ноември“ со време од 4:03 минути, втор Матеј Каров со 4:14 минути, а трет Филип Младеновски од домашниот клуб со 4:20 минути.
Посебна приказна на годинешните детски трки испиша шестгодишниот Константин Мандалов, кој во категоријата за деца родени до 2020 година ја истрча патеката долга еден километар за 4 минути и 25 секунди и го освои првото место. За Константин ова беше прва трка во животот, но и прва победа! Така, неговото деби на „November Run“ се претвори во незаборавен спортски почеток и му ја донесе титулата најмлад шампион на годинашното издание.
Шестото издание на „November Run“ уште еднаш потврди дека вистинската вредност на спортот не се мери само со секундите на целта и освоените места. Таа се препознава во детската радост, во поддршката од семејствата, во прифаќањето на различностите и во пријателствата што ги надминуваат границите. А дождот и ветерот, наместо да го засенат настанот, само уште повеќе ја истакнаа упорноста на сите кои застанаа на стартот- затоа што спортскиот дух не зависи од временската прогноза.












































































