Во Секторот за урбанизам при Општина Гевгелија, во тек се активности за подготовка на техничка документација за реализација на нови инфраструктурни и уредувачки проекти, насочени кон подобрување на условите за живот и создавање нови содржини за граѓаните. За таа цел, градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, заедно со проектантите, посети повеќе населени места и локации во општината, каде што се согледани потребите и се започнати постапките за проектирање. Станува збор за проекти што произлегуваат од барањата на граѓаните, а дел од нив претставуваат и долгогодишни иницијативи за кои досега се бараат соодветни проектни решенија.
Меѓу планираните зафати е уредувањето на излетничката зона „Сифулајка“ со поставување урбана опрема, како и уредувањето на просторот покрај реката во Кованец, каде што е предвидено поставување опрема за одмор и рекреација. Нови јавни зелени површини и места за дружење ќе добијат и жителите на Мрзенци, со изградба на урбан парк, и на Давидово, каде што е предвиден парк со детско катче и повеќе содржини. Во плановите е опфатена и изградба на парк за миленичиња во близина на влезот во Гевгелија.
Во градот, меѓу позначајните проекти за кои се подготвува документација се новиот градски плоштад, изградбата на нов фудбалски стадион и спортска сала, како и уредувањето на кејот на реката Вардар. За новиот Градски плоштад веќе е во тек изработката на идеен проект. Паралелно, ќе се работи и на проектната документација за изградба на секундарен влез и излез во градот преку улицата „Борис Кидрич“, со што се предвидува дополнително сообраќајно поврзување и подобрување на пристапноста.
Потребите на жителите на населените места се опфатени и со планираните реконструкции и инфраструктурни зафати. Така, предвидена е целосна реконструкција на домот и придружните простории во Миравци, како и на домот и придружните простории во Ново Конско (Горничет), со цел овие објекти да добијат соодветни услови за користење. Во Негорци се планира изградба на фекален колектор, со што ќе се овозможи решавање на проблемот со отпадните води во земјоделските површини, како и изградба на нов резервоар за вода. Во Богородица, пак, предвидена е изградба на улицата „Гоце Делчев“, со поврзување кон Стојаково. Дополнително, ќе се изработи основен проект за изградба на улици во Блок 7.5.
Градоначалникот Сарамандов изрази уверување дека техничката документација за наведените проекти ќе биде подготвена во текот на 2027 година, по што ќе се продолжи со активностите за обезбедување финансиски средства за нивна реализација.
– Продолжуваме со работа, чекор по чекор ги исполнуваме ветувањата дадени пред нашите сограѓани- истакна градоначалникот Сарамандов, посочувајќи дека целта е преку реализацијата на овие проекти да се создадат нови и уредени јавни простори, подобра инфраструктурна поврзаност, дополнителни можности за спорт и рекреација, како и подобри услови за општествениот и културниот живот во населените места.
Покрај овие активности, во Секторот за урбанизам паралелно се работи на подготовка на техничка документација и за други значајни проекти во општината, од кои дел веќе се наоѓаат во завршна фаза на проектирање.


























