Општина Гевгелија започнува со процесот на социјално мапирање, како дел од подготовката на новиот Социјален план за периодот 2027–2032 година, со цел да се утврдат реалните потреби на населението, да се согледаат постојните социјални услуги и капацитетите на локалните институции и здруженија на граѓани, како и да се идентификуваат можностите за унапредување на социјалната заштита на локално ниво.
Социјалното мапирање се спроведува преку две одделни анкетни истражувања, од кои едното е наменето за граѓаните, а другото за институциите и здруженијата на граѓани кои дејствуваат на подрачјето на општина Гевгелија.
Преку анкетата наменета за граѓаните ќе се соберат информации за социјалната и економската состојба на населението, потребите на различните возрасни и социјални групи, достапноста на социјалните, здравствените и другите услуги, како и предизвиците со кои се соочуваат граѓаните во секојдневниот живот. На овој начин ќе се овозможи непосредно согледување на потребите и приоритетите на локалното население.
Од друга страна, анкетното истражување наменето за институциите и здруженијата на граѓани има за цел да обезбеди преглед на постојните социјални услуги, активностите и програмите што ги реализираат, расположливите човечки и материјални ресурси, категориите граѓани со кои работат, како и предизвиците и потребите за развивање нови услуги. Посебно значајно е и утврдувањето на можностите за унапредување на соработката меѓу локалните чинители во областа на социјалната заштита.
Добиените информации од двете истражувања ќе претставуваат основа за анализа на состојбите, утврдување на приоритетните потреби и планирање на идните локални социјални политики, програми, мерки и услуги, во согласност со потребите на населението и расположливите капацитети.
Општина Гевгелија ги повикува граѓаните, институциите и здруженијата на граѓани да земат активно учество во процесот на социјално мапирање, бидејќи нивните одговори, искуства и согледувања се значаен придонес во креирањето на новиот Социјален план за периодот 2027–2032 година.
Анкетата за граѓаните е анонимна и доброволна, а податоците ќе се користат исклучиво за потребите на социјалното мапирање и подготовката на Социјалниот план.
Линкови до анкетните прашалници:
- Анкета за граѓаните: https://forms.gle/RFLARJunxesoWz256
- Анкета за институциите и здруженијата на граѓани: https://forms.gle/YTyy1s1jfF8Vfsjh7

