Во Општина Гевгелија, во пресрет и за одбележување на Денот на згрижувачите, се промовираше социјалната услуга- згрижувачко семејсто. Денешната промоција со штанд на Градскиот плоштад беше во организација на СОС Детско село. Штандот го посети градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, како и преставници на општинската администрација од Одделението за социјална, здравствена, детска и други заштити, култура и спорт и од Центарот за социјална работа- Гевгелија. Гости на настанот беа и згрижувачи на бездомни деца од Гевгелија и Дојран.
Сарамандов изрази благодарност до организаторите што токму во Гевгелија се одбележа Денот на згрижувачите.
– Како Градоначалник на општина Гевгелија, давам целосна поддршка на активностите на СОС Детско село, преку коишто ја извршуваат својата благородна мисија, секое дете да има свој дом и семејство. Со овој настан, се надевам дека и во Општина Гевгелија оваа социјална услуга ќе бележи подем, односно ќе се развие свеста и поголем број семејства ќе згрижуваат деца. Секое дете заслужува да има свое семејство и да расте со љубов и чувство на сигурност. Како локална самоуправа, стоиме на располагање и сме отворени за соработка за промоција и реализација на оваа благородна цел- рече Сарамандов во разговорот со претставниците на СОС Детско село.
Имено, целта на промотивниот настан за одбележување на Денот на згрижувачите е да се подигне свеста за важноста на згрижувачките семејства кои во својот дом овозможуваат поддршка на многу деца, кои поради различни причини не можат да живеат со своите биолошки семејства за да имаат нормално детство, исполнето со радости, учење и заштита, како и ширење на мрежата на згрижувачки семејства во општината Гевгелија преку споделување информации за постапката сместување на деца без родителска грижа во згрижувачко семејство, кој се може да стане згрижувач, односно носител на дејност сместување во згрижувачко семејство, законските критериуми за регистрација и поддршката која ја добиваат згрижувачките семејства, вклучително и информации за финансиските надоместоци за услугата.