Градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, оствари средба со новиот министер за локална самоуправа, Златко Перински, во рамки на неговата посета на општина Гевгелија. Сарамандов го информираше Перински за следните активности на локалната самоуправа- подготвување техничка документација за повеќе проекти коишто ќе бидат од големо значење за сите граѓани на општина Гевгелија.
Исто така, ги нагласи и тековните проекти:
– реконструкцијата на спортското игралиште во Давидово како дел од Проектот што Општина Гевгелија го реализира во 2024 год. За реконструкција на 10 отворени спортски игралишта со тартан подлога и вештачка трева од кои 6 во градот и 4 во населените места;
– завршувањето на изградбата на фекалната и атмосферска канализација на ул. „Ѓоко Тутушев“- Гевгелија и реализација на уште еден капитален проект за изградба на подземна инфраструктура.
– пробивањето на улиците во Урбан блок 4.4 во Гевгелија, каде живеат над 2.500 граѓани и изградбата на нова водоводна линија, атмосферска и фекална канализација.
Притоа, ја поздрави одлуката на новата Влада на Република Македонија за обезбедувањето средства значајни за општините и од голема помош на градоначалниците во насока на подобрување на условите за живот.