Петте основни училишта и СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија ги прогласија првенците на генерација во учебната 2023/2024 година. Согласно критериумите за постигањата во текот на основното образование и донесените Одлуки на Наставничките совети при училиштата, за првенци на генерација се избрани учениците: Теодора Сеизова од ООУ „Владо Кантарџиев“- Гевгелија, Елена Анчева од ООУ „Крсте Мисирков“- Гевгелија, Ангелче Пешов од ООУ „Ристо Шуклев“- Негорци, Росица Митрова од ООУ „Климент Охридски“- Миравци, Јована Дупарова од ООМУ „Васо Карајанов“- Гевгелија и Ирина Прошева од СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија. Директорите свечено им ги врачија признанијата и симболичните подароци на првенците.
„Теодора Сеизова во текот на основното образование се истакна со високи достигнувања и резултати на државни натпревари во повеќе наставни предмети“- велат од ООУ „Владо Кантарџиев“- Гевгелија.
Од ООУ „Крсте Мисирков“- Гевгелија, за Елена Анчева истакнаа: „Елена ја красат сите суперлативи и пофални епитети, одлични оценки и поведение, награди и признанија и високи човечки вредности.
„Ангелче Пешов со континуриан одличен успех постигна големи успеси со неговото учество на државни натпревари, за што заслужно го доби признанието првенец на генерација како ученик во ООУ „Ристо Шуклев“- Негорци“
„Нашата ученичка Росица Митрова вредно и успешно го претставуваше Училиштето, и со континуираниот одличен успех и освоените награди на училишни натпревари, достојно ја понесе титулата првенец на генерација“
„Јована од најмала возраст покажува амбиции за доста сериозни програми, каде во делата е потребна висока пијанистичка техника и истите премиерно ги изведува од постоењето на Училиштето на годишните гала концерти како и класни јавни часови. Натпреварите не се одлика на нејзиниот карактер, меѓутоа има освоено прва и трета награда на меѓународни натпревари“- се позитивните пофалби од ООМУ „Васо Карајанов“- Гевгелија за Јована Дупарова како ученик во класата по пијано на наставникот Александар Лазаров.
„Ирина Прошева со нејзиното знаење, посветеност и трудољубивост достојно го претставуваше СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија на натпревари по oпштествените и природните науки, освојувајќи бројни награди и признанија“