Како што информираат од ТППЕ- Гевгелија, локализиран е пожарот што изби кај Кованец пред изминатиов викенд. Меѓутоа, пожарникарите се на терен и ја следат состојбата поради можноста за повторно активирање од ветрот.
Поради пожарите на подрачјето на општините Гевгелија и Богданци- едниот кај Кованец, другиот помеѓу Стојаково и Богданци, градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, веднаш свика средба со претставници на: ТППЕ- Гевгелија, Шумско стопанство „Кожуф“, Центар за управување со кризи, Дирекција за заштита и спасување, Гранична полиција, Шумска полиција, ЈПКД „Комуналец“- Гевгелија, АД Водостопанство „Јужен Вардар“- Гевгелија и Општина Богданци во насока на координација и преземање навремени мерки за дејствување. Исто така, беа известени и ЦУК И ДЗС за следење на ситуацијата на терен во текот на ноќта.
Притоа, наредниот ден, градоначалникот Сарамандов изврши и увид на теренот каде што изби пожарот во Кованец, каде што пожарникарите од ТППЕ- Гевгелија и претставници од Шумско стопанство „Кожуф“ учествуваа во гасењето на пожарот, а со помош на дронот со специфичен фокус, управуван од ТППЕ- Гевгелија, беше извршена детална проверка на сите критични точки, со што е констатирано дека нема опасност од проширување на пожарот.
Општина Гевгелија и ТППЕ- Гевгелија апелираат до граѓаните доколку забележат места со оган или дим, веднаш да пријават во најблиските институции или на единствениот повикувачки број за итни повици 112, како и на броевите 193 и 034/211-881.