Општина Гевгелија е една од петте општини која е квалификувана како пријателски настроена кон младите, позиционирајќи се на високото 5. место врз основа на Анализата на социјална вклученост на младите на локално ниво за 2023 година. Со 71 поен, Општина Гевгелија, заедно со Oпштините: Охрид, Гостивар, Крива Паланка и Струмица, од вкупно 80 општини коишто беа предмет на истражување, се во групата со „одлична“ социјална вклученост на младите на локално ниво, врз основа на исполнување на одредбите од Законот за младинско учество и младински политики.
Исто така, врз основа на анализата и индикаторите, Локалниот младински совет на Општина Гевгелија е квалификуван како функционален заедно со уште 4 Локални младински совети во Тетарце, Зелениково, Гостивар и Лозово, од вкупно 34 Oпштини коишто имаат конституирано Локални младински совети.
Оваа анализа е во рамките на Проектот: „Заедници инклузивни за млади“, финансиран од Европската Унија и спроведуван од Националниот младински совет на Македонија во партнерство со Фондација за развој на локалната заедница Штип, Сфера интернешнал Битола и Платформа за младинско јакнење ЈЕП Гостивар.