Утре (22 април 2025 година), во рамки на програмата за „Гевгелија град на култура за 2025 година“, ќе биде промовиран романот „Повест за Рушка“ од Драгослав Ортаков, во организација на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“- Гевгелија. Промоцијата ќе се одржи во хотел „Аполонија“, со почеток во 12:00 часот. Промотор на последното книжевно дело на Ортаков е Христо Петрески.
Романот „Повест за Рушка“, е своевидна синтеза на досегашниот книжевен опус на Ортаков. Поделен во 10 поглавја, во романот, на автобиографска база, се изнесени бројни впечатливи моменти од животот на главниот јунак Мирко Бојаров (всушност Драгослав Ортаков), посебно во неговите детски и младешки години. Оттаму, логично е дека „главната сцена“ на која се одвиваат тие настани е градот Гевгелија, родното место на Ортаков, како и многу места кои се наоѓаат во јужниот регион на нашата држава. Авторот дава оригинален печат кон генеалошкото стебло на своето семејство, разгледувајќи ја неговата судбина во контекст на некои значајни историски настани што се одигруваат на македонска почва, но и на поширокиот балкански простор, во еден подолг временски период.
Проф. д-р Драгослав Ортаков (1928 – 2007) е еден од најзначајните композитори и музиколози во македонската музика, од втората половина на минатиот и почетокот на 21-от век. Како што самиот за себе истакнува на повеќе места, во текот на својот животен и работен век, пишаниот збор има исклучително значење во неговиот живот уште од најрана возраст.

