Во рамки на Програмата за одбележување на 7 Ноември- Денот на ослободувањето на Гевгелија, во периодот од 2 до 7 ноември 2026 година, се одржаа повеќе културни и уметнички настани, кои понудија разновидни содржини од областа на музиката, театарот, ликовната уметност и фолклорот. Преку концертни настапи, театарски изведби, изложби, едукативни содржини и фолклорни презентации, празничната програма ги обедини локалните уметници, културните установи, младите таленти и гостите од земјата и странство.
Програмата започна на 2 ноември, во Големата сала на Народниот театар, со настанот „Транзиција – традиција“, во организација на ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија. Преку едукативното предавање беше отворено прашањето за промените низ кои минува традицијата и нејзиното опстојување во современото општество. Во фокусот беше патот што традицијата го поминала од минатото до денес, нејзината трансформација, но и значењето на зачувувањето на културниот идентитет како наследство што се пренесува од генерација на генерација.
На 3 ноември, во ООМУ „Васо Карајанов“, се одржа концерт на камерното трио „Аура“, во состав: Страшо Темков на флејта, Ана Гацева на пијано и Марјан Милошевски на фагот. Со својата виртуозност и музичка експресивност, изведувачите ѝ понудија на публиката разновидна програма, која опфати дела од Бонис, Шохер и Бефтинг, танго-композиции на Астор Пјацола, како и аранжман на македонската народна песна „Ој ти моме охриѓанче“ од В. Димовски. Преку внимателно избраниот репертоар, концертот ги поврза класичниот музички израз, современите музички влијанија и македонското музичко наследство.
На 4 ноември, на сцената на Народниот театар- Гевгелија, гостуваше театарскиот ансамбл на НУЦК „Антон Панов“ од Струмица, со претставата „Деца на светот“, работена според драмскиот текст на бугарскиот автор Стефан Цанев, во режија на Васил Михаил. Станува збор за тажна комедија која ја обработува актуелната општествена тема на миграцијата и нејзините последици врз семејството. Преку приказната за повозрасен брачен пар, чии деца заминале во странство во потрага по подобар живот, претставата ја прикажува осаменоста на родителите, нивното секојдневно чекање и надежта за повторна семејна блискост. Во актерските улоги настапија Коста Ангов, Оливера Аризанова-Мансбарт и Анкица Бенинова. Со оваа изведба, гевгелиската публика имаше можност да проследи театарско остварување што отвора значајни прашања за иселувањето, семејните односи и човечката потреба за блискост.
Музичката програма продолжи на 5 ноември, во просториите на ООМУ „Васо Карајанов“- Гевгелија, каде се одржа Kонцертот „Музичка разгледница“, посветен на Денот на ослободувањето на Гевгелија. Учениците од Училиштето, под менторство и со пијано-придружба на своите наставници и корепетитори, се претставија со изведби на класични музички дела, покажувајќи го стекнатото знаење, музичките способности и талентот. Концертот беше можност младите музичари да го споделат својот уметнички напредок со публиката и преку музиката да упатат празнична честитка по повод 7 Ноември.
Истата вечер, во Ликовната галерија „Амам“, беше отворена Годишната изложба на Друштвото на ликовни уметници од Гевгелија, на која беа претставени творечките остварувања на локалните ликовни автори. На изложбата на Друштвото на ликовни уметници од Гевгелија беа претставени дела на дванаесет автори од различни генерации: Михаил Петров, Гордана Петрова, Ана Петрова, Драги Хаџи Николов, Јордан Јанев- Дане, м-р Александар Јанев, Адриана Манчева, Розета Картова, Перо Кованцалиев, Горан Јованов, Дамјан Ѓуров и Борис Петров. Изложбата овозможи средба на публиката со различни уметнички пристапи, ликовни техники и тематски преокупации, афирмирајќи го континуитетот на ликовното творештво во Гевгелија.
Особено содржаен беше 6 ноември, со активности посветени на детското творештво, еднаквоста, музиката и сценската уметност. На платото пред Народниот театар се одржа детско дефиле, во чии рамки беа претставени и наградените творби од Ликовниот и Литературниот конкурс распишан за учениците од општинските основни училишта по повод 7 Ноември. Најуспешните ученици беа наградени за своите творечки остварувања, а на доделувањето на наградите присуствуваа градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов, и гостите од збратимените градови, кои имаа можност да се запознаат со креативноста, талентот и творечките способности на најмладите гевгеличани.
По дефилето следуваше промоцијата на музичкиот спот „Сите сме еднакви“, во рамки на Интернационалниот детски музички фестивал „Калинка“. Настанот имаше посебно значење и поради активното учество на лицата со попреченост, кои за првпат во рамки на празничната програма не беа само публика, туку и директни учесници со свои сценски настапи. Преку читање поезија, тие ги претставија своите творечки способности, а со музичка изведба настапи и Димитар Трајков, член на Секцијата за тапани. Нивното учество придонесе за афирмација на инклузивноста, еднаквото учество и видливоста на лицата со попреченост во културниот живот на заедницата.
Вечерната програма во рамки на свечената седница на Советот на Општина Гевгелија, заврши со концертот „Апасионато“, на Пламенка Трајковска и Камерниот оркестар. Концертот донесе посебна музичка атмосфера, со спој на камерно музицирање, уметничка интерпретација и изразна изведба. Настапот на Трајковска и оркестарот ја збогати празничната музичка програма, овозможувајќи ѝ на публиката да ужива во концертна вечер посветена на музичката уметност и нејзината сценска интерпретација.
На самиот ден на празникот (7 ноември), фолклорното творештво беше во фокусот на традиционалната манифестација на ЈОУ Пионерски дом- Гевгелија, „Фолклорен ѓердан“, која се одржа во Народниот театар. На сцената настапија КУД „Српски вез“- Куманово, Ансамблот „Студио Фолклор“- Скопје, КУД „Јане Сандански“- Ново Село, КУД „Паја Зариќ“- Нови Карловци од Република Србија и домашниот ансамбл „Бојмија“- Гевгелија. Преку своите кореографии, народни песни и традиционални носии, учесниците претставија дел од фолклорното богатство на средините од кои доаѓаат. Разновидноста на настапите создаде можност за запознавање со различните фолклорни традиции, но и за истакнување на нивните заеднички културни вредности. Особено значајно беше учеството на ансамблите од странство, со што концертот доби и меѓународна димензија, потврдувајќи ја улогата на фолклорот како начин на зачувување на културното наследство и поврзување на народите. Домашниот ансамбл „Бојмија“ со своето учество даде придонес кон претставувањето и негувањето на гевгелиската фолклорна традиција.
Со реализацијата на културната програма, 82-годишнината од ослободувањето на Гевгелија беше одбележана и преку афирмација на уметничкото творештво, културното наследство и традицијата. Разновидноста на содржините овозможи вклучување на различни генерации и публика со различни интереси, а учеството на уметници, ансамбли и културни установи од земјата и странство придонесе кон збогатување на културниот живот во општината. Музиката, театарот, ликовната уметност и фолклорот се значајни сегменти во негувањето на културниот идентитет и пренесувањето на уметничките вредности на идните генерации.






























































