Во рамки на активностите посветени на одбележувањето на 7 Ноември- Денот на ослободувањето на Гевгелија, на 6 ноември 2026 година, градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, оствари средба со претставниците на делегации од Општините: Јабланица (Босна и Херцеговина), Севлиево (Бугарија), Пеонија (Грција) и Гвозд (Хрватска). Приемот беше организиран како можност за непосредна средба и размена на искуства меѓу претставниците на локалните самоуправи, но и за потврдување на пријателските врски што се одржуваат преку меѓусебни посети, комуникација и соработка. Во текот на средбата беа разменети пригодни подароци, како симбол на почитта и пријателството меѓу општините.
Во разговорите беа отворени прашања поврзани со можностите за натамошно унапредување на меѓуопштинската соработка, размена на добри практики и искуства во работењето на локалната самоуправа, како и создавање услови за реализација на заеднички иницијативи. Посебно значење беше посветено на соработката во областа на културата, зачувувањето и афирмацијата на културното и историското наследство, економското поврзување и воспоставувањето партнерства што можат да придонесат за развојот на локалните заедници.
Градоначалникот Сарамандов ја нагласи важноста од негувањето на ваквите пријателски односи, посочувајќи дека тие претставуваат добра основа за продлабочување на комуникацијата и за отворање нови можности за соработка. Размената на искуства меѓу општините овозможува согледување на различни пристапи во решавањето на локалните предизвици, а воспоставените контакти можат да прераснат во конкретни заеднички активности и проекти. Во рамки на посетата, делегациите, придружувани од градоначалникот Сарамандов, ја посетија и новоуредената Стара чаршија во Гевгелија, каде што имаа можност непосредно да се запознаат со реализираниот проект и уредувањето на овој значаен урбан и културно-историски простор. Обиколката беше можност за претставување на вложувањата во унапредувањето на јавните простори и зачувувањето на препознатливите градски амбиентални целини.
Посетата на делегациите од Јабланица, Севлиево, Пеонија и Гвозд е дел од меѓународната димензија на одбележувањето на општинскиот празник, со која Гевгелија ги потврдува својата отвореност за соработка и определбата за одржување и развивање пријателски односи со други локални заедници. Преку ваквите средби, празнувањето на 7 Ноември добива и пошироко значење, поврзувајќи го историското наследство на Гевгелија со современите заложби за партнерство, меѓусебно разбирање и соработка.

















