СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија го прослави својот Патронен празник со културно-уметничка манифестација, во Народниот театар- Гевгелија. Во програмата, учествуваа ученици од Училиштето кои пред многубројните присутни се претставија со хорски настапи, изведба на драмски сцени на македонски и англиски јазик, музички настапи и танцови перформанси, подготвени од професорите: Илија Атанасов, Даниела Џишева и Александра Ќаева, Андријана Џинова, Кристина Пренда, Емилија Дуганова и Маја Зафирова. Техничката аудио-визуелна обработка беше на Тони Аврамов.
Во својот поздравен говор, директорот на СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија, Александар Делиџаков, го честиташе Патрониот празник, истакнувајќи:
– СОУ „Јосиф Јосифовски“ од Гевгелија е пример за успешно училиште кое гордо стои чекор напред во иновативниот воспитно- образовен процес, училиште во кое за време од 70 години образование многу ученици успеале да ги постигнат своите цели, да стекнат знаења, вештини и вредности и така подготвени да се вклучат во градење на денешното општество и да го збогатат со своите таленти и способности.
Како и секое друго училиште, така и СОУ „Јосиф Јосифовски“ има предизвици, но со позитивните искуства од минатото, лесно ги надминува и продолжува со успешното образование на следните генерации на ученици. Еден од главните предизвици во денешното време е постојаното менување на технологијата и брзиот развој на истата. Затоа, нашето училиште го зголемува квалитетот на образование преку професионално развивање на кадарот, ги прифаќа и имплементира најновите технологии за да ги подготви учениците да го развијат својот потенцијал за успешна кариера во иднина.
Иако училиштето е успешно, секогаш има место за подобрување. Треба да се работи и вложува во развивање на стратегии и акции за подобрување на наставниот процес, на вработените и на учениците, како и инвестирање во образовни технологии и иновации кои можат да го подобрат образованието во нашето училиште. Треба да се биде во тек со најновите трендови и истражувања во образованието и константно да се инвестира во свое професионално развивање и обучување. Исто така вклученоста на родителите, заедницата, локалната самоуправа, приватниот бизнис-сектор во различни активности се важен дел од успехот на училиштето.













