Градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, после увидот во градежните работи, најави дека влегува во завршна фаза Проектот за реконструкција на натпатникот со дел од булевар „Гевгелија“. Како што истакна, течат граджните активности за поставување хидроизолација со полимерна мрежа како припремен дел за асфалтирање на завршниот горен слој. Во наредната фаза следи замена на заштитната ограда по целата должина на мостот.
Проектот ги опфаќа следниве активности: реконструкција на тротоарите по целата должина, поставување нова заштита ограда на мостот, замена на старите дилатациони ленти (споеви на мостот) и изградба на атмосферска канализација на критичните точки за одведување на дождовната вода. Покрај овој зафат, се реализираат и други три инфраструктурни проекти, меѓу кои и изградбата на нов модерен кружен тек, коишто по нивното завршување ќе придонесат за целосна трансформација на влезот во градот, но и долгорочно и квалитетно решение.
Истовремено, градоначалникот Сарамандов упати и апел до учесниците во сообраќајот за зголемено внимание и трпение поради одвивањето на градежните активности коишто поради специфичноста на теренот ги отежнуваат условите за одвивање на сообраќајот.





















