Водата од пет јавни чешми на подрачјето на oпштина Гевгелија не ги исполнува условите за безбедност и квалитет за пиење, покажуваат резултатите од редовното испитување спроведено од Центарот за јавно здравје- Велес.
Станува збор за природната чешма „Мурџева“ во Негорци, спомен-чешмата „Катерина“ во Конско, природната чешма на патот во Старо Конско, природната минерална чешма во Смрдлива Вода и водата од водоводот во Смрдлива Вода.
Според резултатите од лабораториските испитувања, во водата се утврдени микробиолошки и физичко-хемиски отстапувања од пропишаните услови согласно Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење.
По добиеното известување со насоки за постапување од Центарот за јавно здравје- Велес, комуналниот и инспекторатот за животна средина при Општина Гевгелија преземаа активности за информирање на граѓаните. На наведените чешми се поставени табли со предупредување дека водата не е исправна за пиење. Дополнително, ќе се преземаат соодветни мерки за отстранување на можните извори на загадување, како и соодветен третман за дезинфекција.
Општина Гевгелија појаснува дека водата од природните чешми наведени во известувањето потекнува од природни извори и не е дел од водоснабдителниот систем преку кој се снабдуваат домаќинствата.
Поради утврдената неисправност, граѓаните се повикуваат да ги почитуваат поставените предупредувања и да не ја користат водата од наведените чешми за пиење, со цел заштита на здравјето и спречување на можните ризици од употреба на неисправна вода.







